Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране, поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле, па понатаму кон село Форино.
Дополнително, патот кон село Герман е блокиран кај село Станча поради паднато дрво и во моментов не е прооден. Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.
Слаб снег има во Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, граничен премин Делчево, Страцин и на Пониква, но во моментот не претставува пречка за одвивање на сообраќајот.
Надлежните апелираат на внимателно управување и следење на официјалните информации за состојбата на патиштата.