Австралија станува првата држава во светот што воведува радикална забрана за присуство на деца под 16 години на најголемите социјални мрежи. Од 10 декември, платформите ќе мора да преземат „разумни чекори“ за да спречат малолетници да отвораат нови профили, а постојните да бидат избришани или деактивирани.
Владата ја образложува мерката со целта да се намали изложеноста на децата на штетни содржини, манипулативни алгоритми и онлајн ризици кои го засегаат нивното ментално и емоционално здравје. Според официјалните податоци, речиси сите деца меѓу 10 и 15 години користат социјални мрежи, а седум од десет биле изложени на штетни содржини — од насилни видеа и мизогинија до промовирање нарушувања во исхраната и самоповредување.
Истражувањето покажува и дека едно од седум деца се соочило со обиди за „груминг“ — онлајн манипулација со сексуална или насилничка цел. Повеќе од половина биле жртви на некаква форма на сајбер-насилство.
Кои платформи се опфатени?
Засега се наведени десет платформи: Facebook, Instagram, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube, Reddit, Kick и Twitch.
YouTube Kids, Google Classroom и WhatsApp не се опфатени, бидејќи не исполнуваат критериуми како масовна интеракција меѓу корисници или споделување содржини.
Платформите за видеоигри како Roblox и Discord доброволно воведоа проверки на возраст на дел од функциите, за да избегнат можно вклучување во забраната.
Како ќе се спроведува забраната?
Наместо казни за деца и родители, целосната одговорност ќе падне на компаниите. Платформите ќе се соочат со казни до 49,5 милиони австралиски долари за сериозни или повторени прекршувања.
Мерките за проверка на возраста остануваат на избор на платформите, но се очекува да користат комбинација од технологии — од државни документи и препознавање на лице, до анализа на дигитално однесување.
Владата забрани да се користат само податоците внесени од корисниците или родителска потврда.
Meta веќе најави дека ќе почне со блокирање на профилите на тинејџери од 4 декември. Погрешно блокираните ќе можат да се идентификуваат со владин документ или видео-селфи.
Останатите платформи допрва треба да објават како ќе го спроведат процесот.
