Генетски модифицираната храна останува контраверзна тема, особено во Европа, но за некои експерти тоа е најдобриот метод базиран на наука за креирање на одржлив глобален систем за храна, во услови кога се губи биодиверзитетот и се зголемува популацијата.
Производството на храна е лошо за животната средина. Според онлајн изданието Our World in Data, земјоделството е одговорно за четвртина од емисиите на јаглерод во атмосферата и огромното мнозинство на загубите на биолошката разновидност во светот.
И додека влошувањето на животната средина продолжува, светската популација продолжува да расте. ОН предвидуваат дека светската популација ќе достигне 10 милијарди во 2057 година. Ова го поставува прашањето: како да го зголемиме производството на храна за 50% додека ги ублажуваме катастрофите од загубата на биолошката разновидност и климатската криза?
„Сфативме дека користењето повеќе земја за земјоделство е најголемиот грев во однос на климатските промени и биодиверзитетот. Ова значи дека треба да произведуваме храна на помалку земјиште за да можеме да ја заштитиме природата“, рече Матин Каим, специјалист за економија за храна и директор на Центарот за развојни истражувања на Универзитетот во Бон во Германија.

Како да нахраниме 10 милијарди луѓе?
Каим објасни дека, генерално кажано, постојат два различни пристапи за тоа како да се направи ова.
„Едниот пристап вели дека ни се потребни промени во исхраната за да се направи потрошувачката поодржлива. Тоа значи помалку отпад, помалку месо. Другата страна тврди дека ни требаат подобри технологии за да создадеме поеколошки методи на земјоделство“, рече тој за DW.
Каим смета дека двата пристапа се неопходни. Како прво, треба да го промениме начинот на кој се произведува храната – особено, намалување на конзумирањето на протеини и хранливи материи од животинско потекло. Но, тоа не е доволно. Како и многу експерти, тој смета дека генските технологии се клучен дел од стратегијата за одржлив систем на храна.
„Секој сака да произведува повеќе храна од помала површина, со помалку хемиски пестициди и со помалку ѓубрива. Ако може да користите технологија за да развиете растенија кои се потолерантни и поиздржливи, тоа е добра работа“ вели Каим.
Што всушност е генетски модифицирана храна?
Генетски модифицирани организми (ГМО) се организми кои имаат изменета ДНК со цел промена на нивните својства. Генетски модифицираните култури можат да го подобрат приносот, да изградат отпорност на штетници, мраз или суша или да додадат хранливи материи. Посевите исто така може да се модифицираат за да се намалат емисиите на јаглерод и да се зголеми одржливоста на производството на храна. Иако е широко распространето, производството на ГМ култури користи само околу 10% од земјиштето потребно за негенетски модифицирани култури.

„ГМ не е ништо повеќе од техника на размножување, слично како вкрстувањето што го правиме со илјадници години. Но, тоа е пософистицирано, така што можеме да направиме многу прецизни промени, многу брзо“, рече Дејвид Спенсер, фитопатолог и портпарол на Replanet, сојуз на невладини организации кои се залагаат за решенија засновани на наука за климатските промени и губењето на биолошката разновидност. Тоа е кампањата Reboot Food која се фокусира на одржливо производство на храна.
ГМО за прв пат беа креирани во САД во 1994 година, со модифицирани растенија од домати кои созреваа побавно за да го продолжат рокот на траење. Оттогаш, широк спектар на култури, како што се соја, пченица и ориз се одобрени за земјоделска употреба, заедно со ГМ бактерии кои се одгледуваат за производство на големи количини на протеини.
Научниците во Индија, исто така, развија видови на ориз Sub-1, кои се многу поотпорни на поплави. Поплавите се главен проблем во регионите што одгледуваат ориз во северна Индија и Бангладеш, кои ќе станат полоши како што се развиваат климатските кризи, а сега 6 милиони земјоделци во регионот користат ориз Sub-1 за да ги заштитат своите посеви од поплави.
Златниот ориз, од друга страна, е ГМ сој модифициран да содржи витамин А, дизајниран да се бори против недостигот на витамин А во исхраната во делови од Азија и Африка.
Отпорност на ГМ од болести
Технологијата за уредување на гени, исто така, помогна да се спаси растителното производство од штетници. Кон крајот на 20 век, вирусот речиси ги уништи посевите на папаја на Хаваи, но локален научник разви модифицирана папаја која беше отпорна на вирусот. Семињата им беа дистрибуирани на фармерите, заштитувајќи го производството на папаја една деценија подоцна.

Дејвид Спенсер, исто така, работел на заштита на сојата од габични заболувања кои се шират низ Америка.
„Во моментов нема вистинско решение освен масивни апликации за фунгициди. Никој не го сака тоа, па работевме на додавање гени или промени на ДНК од далечно поврзани растенија за да постигнеме подобра отпорност на габата“, рече Спенсер за DW.
Контроверзии за ГМ
Сепак, на многу луѓе им е тешко да ја проголтаат идејата за ГМ храна – анкетата на јавното мислење од 2020 година покажа дека 50% од луѓето во 20 испитани земји ја сметаат ГМ храната како небезбедна.
Кога ГМ културите за првпат беа развиени пред 30 години, неизвесноста и загриженоста за безбедноста беа споделени и од научниците, но работите се поинакви сега. Џејмс Роудс, аналитичар за биосигурност во Biosafety Јужна Африка, објасни дека податоците собирани изминатите 30 години и научниот увид покажуваат дека ГМ храната е исто толку безбедна како и не-ГМ храната.
„Имаме 30 години информации за безбедноста кои покажуваат дека ГМ храната е потполно безбедна за јадење и 30 години информации кои покажуваат дека не е опасна за животната средина“, рече Роудс.
Според Родс, не е можно во која било земја да се започне со користење на ГМО без да се поминат обемни регулаторни барања.
„До моментот кога е однесена на терен и комерцијално одобрена, таа помина низ долга историја на развој, особено гледајќи ги ризиците“, рече тој.

Монсанто ја уништи репутацијата на ГМ храната
Матин Каим смета дека контроверзноста околу ГМО е испрплетена со дебата за корпоративното индустриско земјоделство. Сенката на Монсанто сè уште виси над индустријата.
„Постои загриженост за големите корпоративни интереси од компании како Монсанто, кои промовираат повеќе пестициди и монокултури, погрешни форми на земјоделство и семиња што им се продаваат на земјоделците по скапи цени“, рече Каим.
Каим ја дели загриженоста, но тврди дека проблемите имаат повеќе врска со тоа како се регулира технологијата отколку самото уредување на гени.
„Погрешен е моделот да има корпоративно индустриско земјоделство во кое доминираат неколку. Но, ова нема никаква врска со генската технологија. Забранувањето на ГМО би било како да се забрани интернетот поради продажба на лоши лекови и порнографија“, рече тој.
ГМ прехранбената индустрија се менува
Генетски модифицираното земјоделството се оддалечува од корпоративниот модел на Монсанто. ГМ производите се повеќе се фокусирани на социјалните и јавните претпријатија и индустријата бара повеќе локални решенија кои им помагаат на малите фармери во земјите во развој.

Регулативата и лиценцирањето се огромен дел од ова. Многумина, вклучително и Replanet, силно се залагаат за семиња со отворен код и ГМ технологии.
„Можете да развиете ГМО без патенти развиени од хуманитарни јавни организации. Треба да регулираме на паметен начин и да обезбедиме конкуренција на пазарот. Корпоративното индустриско земјоделство е погрешен модел“, рече Каим.
На крајот на краиштата, се работи креирање на клима која ќе им овозможи на локалните земјоделци да се прилагодат на барањата на одржливото земјоделство, но доволно брзо за да се задоволат зголеменото население и климатските промени. Но, како што рече Родс, новите ГМ технологии ќе бидат поприфатени бидејќи нивната потреба станува поголема, како во случајот со вирусот на папаја.
Извор: DW