Забрана за камиони на неколку планински превои поради снег

Ограничувањата важат за Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – Ќафасан

Снежните врнежи во западниот дел од земјата утрово донесоа забрана за сообраќај на тешки товарни возила на неколку планински превои, информираа од ЈП Македонијапат и АМСМ.

Според информациите од надлежните служби, ограничувањето е воведено на превоите Ѓавато и Пресека, како и на патниот правец Маврово – Дебар и на делницата Струга – граничен премин Ќафасан. Причина за мерката се снежните врнежи и отежнатите услови за сообраќај, особено за тешките возила.

Сообраќајот на државните патишта во моментов се одвива по претежно влажни коловози, додека снегот и понатаму паѓа на повеќе локации во западниот регион. На патните правци кои минуваат низ усеци и клисури постои можност за појава на поситни одрони, поради што се препорачува дополнително внимание при возење.

Од ЈП Македонијапат апелираат до возачите да управуваат внимателно, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и брзината на движење да ја прилагодат на актуелните услови на патот, особено на планинските и повисоките делници.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Надлежните потсетуваат и дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, без оглед на моменталните временски услови. Оваа мерка ќе важи до 15 март 2026 година и е особено важна во услови на снег, мраз и можно заледување на коловозите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни