На првото место меѓу најскапите метали во светот не е златото. Иако благородните метали со години важат за симбол на вредност и сигурна инвестиција, титулата најреток и најскап метал му припаѓа на – осмиумот.
Каде се златото и другите благородни метали?
Злато се наоѓа на петтото место на листата. Овој широко користен благороден метал, присутен во накитот и индустријата, чини околу 50 долари по грам.
На четвртото место е Иридиум, познат по исклучителната отпорност на хемиски влијанија. Се користи во ракетни мотори и вселенски сателити, а неговата цена достигнува околу 70 долари по грам.
Третото место му припаѓа на Паладиум, метал кој е особено баран во автомобилската индустрија, електрониката и накитот. Просечно, секој модерен автомобил содржи околу пет грама паладиум. Неговата цена изнесува приближно 100 долари по грам.
На второто место е Родиум – исклучително редок метал со годишно производство помало од една тонa. Главно се користи во автомобилски катализатори за намалување на штетните гасови. Неговата цена може да достигне и до 4.000 долари по грам
Осмиум – апсолутен рекордер
Осмиум се смета за најскапиот и најреткиот нерадиоактивен метал на Земјата. Додека индустрискиот осмиум во прав може да биде поевтин, кристалната форма достигнува вредност од 10.000 до 20.000 долари по грам на специјализирани пазари, а во случаи на висока чистота и ретки изотопи – и повеќе
Зошто е толку вреден?
Осмиумот е најреткиот стабилен елемент во Земјината кора. Тој има најголема густина од сите стабилни елементи – речиси двојно поголема од оловото. Исклучително е отпорен на корозија и има препознатлив сјај кога се кристализира. Во 2013 година, швајцарски научници развија метод за кристализација на осмиумот, што го направи безбеден за ракување и погоден за накит.
Инвестиција што не може да се фалсификува
Поради специфичната структура и реткост, кристалниот осмиум се смета за инвестиција која речиси не може да се плагира.
Популарни се таканаречените „инвестициски дискови“ – компактни парчиња метал. Помалите започнуваат од 1.000 до 1.500 долари, додека поголемите можат да достигнат и до 150.000 долари.
Пазарот на осмиум со висока чистота е строго регулиран и со ограничена понуда, што дополнително ја одржува високата цена.
Примена и складирање
Осмиумот се користи во висококвалитетен накит (поради сјај сличен на дијамант), во високо-прецизни индустриски и медицински апликации. Често се чува во специјализирани безбедносни трезори, како оние на World Osmium Council.
Иако родиумот долго време важеше за најскап метал за инвестирање, кристалниот осмиум со својата густина, реткост и ограничена понуда денес се смета за уште поексклузивен и поредок.