Под влијание на висок воздушен притисок (антициклон) и потопла воздушна маса од југ, во Македонија продолжува периодот на стабилно и суво време. Температурите ќе бидат значително повисоки од просекот за декември – дури за 10 или повеќе степени над нормалата, што ќе создаде впечаток дека е пролет, а не средина на зима.
Тивко време, магла и ниска облачност по котлините
Во следните денови ветерот ќе ослабне и времето ќе биде претежно тивко. Наутро, како и во вечерните и ноќните часови, по котлините повторно ќе има магла и ниска облачност, што на овие места ќе го задржи денот постуден.
Температури до 18 степени, во Скопје значително пониски
Дневните температури ќе се искачуваат во интервал од 10 до 17/18 степени, што е невообичаено високо за овој период од годината. Во Скопје и околината температурата ќе достигне околу 10 или малку под 10 степени, поради очекуваната магла и ниската облачност кои ќе ја „заклучат“ студената маса во котлината.
Утрински мраз на повеќе места
Иако денот ќе биде топол за декември, утрата ќе останат релативно ладни. Температурите на повеќе места ќе се спуштаат до 0°C, а локално особено во височинските и планинските пределии неколку степени под нулата.
Зимата никаде ја нема – снегот останува само желба
Кога станува збор за вистинска зима и снежни врнежи, вакво сценарио засега воопшто не е на видик. Тоа значи дека за зима и снег ќе треба да си почекаме уште подолго, бидејќи атмосферските услови не нудат никакви индиции за промена.
