Новиот закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, што предвидува построги казни за низа сообраќајни прекршоци, а има за цел значително намалување на сообраќајните несреќи во земјата, денеска, со широко мнозинство беше изгласан од грчкиот Парламент.
Како што соопштија од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, земјата е над европскиот просек во смртните случаи во сообраќајни несреќи, а прекршоците, како што се користење мобилен телефон, пребрзо возење, неносење појас или кацига и возење под дејство на алкохол се клучните причини за несреќи.
Заменик-министерот за инфраструктура и транспорт Константинос Киранакис рече дека новиот закон „не е насочен кон казнување, туку кон превенција“ и е „одговор на податоците, што се преведува во изгубени животи“.
Поконкретно со новиот закон за користење мобилен телефон без притоа да се предизвика несреќа, казната е 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, доколку се работи за прво прекршување.
При второто, казната е 1.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, а доколку возачот биде фатен третпат да користи мобилен додека вози, ќе треба да плати 2.000 евра и една година ќе остане без возачка дозвола.
Казните се построги ако поради употребата на мобилниот телефон биде предизвикана несреќа, а слични казни се предвидени и за некористење кацига или појас како од возачите, така и од сопатникот.
Неносењето појас во возилата или заштитна кацига на моторите досега се казнуваше со 50 евра и одземање на дозволата и регистарските таблици на 60 дена, додека пак сега, казната за возачите е 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена.
Совозачот на моторот, доколку не носи кацига ќе биде казнет со 350 евра, но казна ќе добие и возачот, па дури и да носи.
Истото важи и за безбедносниот појас, ако совозачот не носи ќе биде казнет со 150 евра, а иста казна ќе добие и возачот, без разлика дали носи или не.
Овие казни се однесуваат ако е прв прекршок. За вторпат, казните се 1.000 евра и одземање на возачката на 180 дена, а за третпат е 2.000 евра и возачот ќе биде една година без возачка дозвола.
За возење под дејство на алкохол, казните се движат меѓу 350 до 4.000 евра и одземање возачка од 30 дена до десет години, во зависност од количината алкохол и дали станува збор за прв, втор или трет прекршок.
Високи се казните и за возење со прекумерна брзина, за прекршување на сообраќајни знаци, за возење без дозвола итн.
Дополнително од 1 јануари 2026 година ќе се воведе ограничувањето на брзината во зависност од населените места, а до тогаш останува границата до 50 километри на час во градовите.