Само еден ден по веста дека во Скопје за два дена биле пријавени пет случаи на семејно насилство, новиот полициски билтен носи уште поалармантна слика: во изминатите 24 часа во Македонија се евидентирани нови седум случаи во четири различни градови, а четири лица веќе се лишени од слобода. Наместо изолиран бран, бројките сега покажуваат континуитет што станува сè потешко да се игнорира.
Во Тетово полицијата интервенирала двапати во текот на вечерта. Најпрво, околу 21:30 часот, 31-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот сопруг, по што тој бил приведен. Подоцна, околу 23 часот, 23-годишна девојка пријавила психичко и физичко малтретирање од нејзиниот невенчан сопруг, кој исто така завршил во полициска станица.
Приведување имало и во Куманово и Кичево. Во кумановско бил уапсен 32-годишен маж поради физичко малтретирање и закани кон сопругата, додека во Кичево во текот на ноќта слобода му била одземена на 44-годишен маж, откако неговата сопруга пријавила дека претходната вечер била физички нападната во нивниот дом.
Во Скопје, пак, биле регистрирани три дополнителни случаи. Во Центар, 38-годишен маж агресивно се однесувал кон својата партнерка и нејзината мајка. Во Шуто Оризари, малолетник пријавил дека бил физички нападнат од својот згрижувач, назначен од Центарот за социјални работи. Во Ѓорче Петров, 64-годишен маж пријавил дека уште во јануари бил тепан од својот син, но случајот дури сега влегува во полициска евиденција.
Оваа нова серија пријави директно се надоврзува на претходниот билтенски пресек што Трн го објави на 3 април. Во тој текст беа опфатени пет случаи пријавени на 1 и 2 април на подрачјето на Скопје: во Кисела Вода, Карпош, Аеродром и во скопско. Меѓу нив имаше пријава за татко што физички нападнал малолетен син, два одделни случаи во Карпош во кои жени пријавиле физички напади од сопруг и вонбрачен партнер, случај во Аеродром каде мајка физички нападнала малолетен син, како и случај во скопско каде 27-годишен маж бил приведен поради закани, физички напад врз сестра му и оштетување на нејзиното возило.
Со тоа, за само неколку дена, полициските билтени бележат најмалку 12 пријави поврзани со семејно насилство, само во случаите што се јавно евидентирани во овие два последователни пресека. Бројката сама по себе не ја кажува целата слика, но доволно јасно покажува дека семејното насилство не е маргинален проблем што се појавува повремено, туку секојдневна реалност што повторно и повторно влегува во полициските записници.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на сите новопријавени случаи и дека по нивното целосно документирање ќе следуваат соодветни пријави. Но зад службениот јазик останува фактот дека речиси и да нема ден без нова пријава за насилство во домот, врз партнерка, дете, родител или друг член на семејството.