За прв пат во историјата – астронаут со попреченост подготвен за пат во вселената

Европскиот параолимписки атлетичар Џон Мекфол официјално ја заврши обуката за астронаути и сега чека место за летање во вселената.
Фото: ESA/Novespace

Британецот Џон Мекфол, параолимписки спортист и медалист, официјално го заврши својот тренинг со Европската вселенска агенција и би можел да стане првиот астронаут со инвалидитет кој ја посетил Меѓународната вселенска станица.

Астронаутите тренираат како спортисти за да можат да ги издржат тешките услови на вселенските летови, вклучувајќи ги силите на лансирање и повторно влегување, дезориентација, мускулна атрофија и други негативни ефекти од животот во вселената.

Мекфол, роден во Британија, одработи доста атлетски тренинзи откако ја загуби десната нога во несреќа со мотор кога имал 19 години.

Тој освои многу медали со протеза, вклучувајќи го и параолимпискиот бронзен медал на 100 метри на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.

Тој аплицираше на отворениот повик за астронаути на Европската вселенска агенција (ESA) во 2022 година, што беше првпат во историјата на човечките вселенски летови, агенцијата да им дозволи на лицата со одредена физичка попреченост да аплицираат.

Вселенската агенција конкретно сакаше да ја тестира можноста астронаутите да бидат лица со попреченост и да дознае повеќе за бариерите што постојат за нив.

Од 257 кандидати со попреченост, Мекфол постигна најдобри резултати, минувајќи ја секоја фаза од процесот и исполнувајќи ги сите многу тешки психолошки, когнитивни, технички и професионални критериуми. Тој дури летал параболични летови и изведувал зимски мисии на море и поминал обука за преживување.

Тој, исто така, беше подложен на одредено специјално тестирање, кое испитуваше како физиолошките промени предизвикани од микрогравитацијата, како што се прераспределба на течности и мускулна атрофија, може да влијаат на неговата протетика.

Додека на астронаутите вообичаено не им требаат нозе во орбитата бидејќи тие слободно лебдат во која било насока, а маневрирањето на вселенската прошетка се прави со рацете, а не со нозете – ЕСА препозна дека протезата сепак ќе му треба за одредени активности.

Истражувачкиот тим на крајот не најде никакви проблеми во исполнувањето на овие барања. Тој сега формално ја заврши обуката за астронаути, а за време на неодамнешната прес-конференција, претставници на ЕСА објавија дека тој сега е на листа на чекање за место за летање до Меѓународната вселенска станица.

Тоа би го направило првиот човек со попреченост што стигнал до орбитата.

„Ситуацијата ме потсетува на научно-фантастичен роман што ја зароби мојата имагинација кога бев дете. ‘Остров на небото’, од Артур Кларк, ја раскажува приказната за Рој Малколм, тинејџер кој го освојува својот пат до вселенската станица. Таму го запознава командантот Дојл, кој ја води операцијата. Дојл работел 10 години на станицата без желба да се врати назад, бидејќи на Земјата би бил во инвалидска количка. Во вселената тој е слободен да оди секаде, а бидејќи нема долни екстремитети, може да се смести во помали простори до кои другите луѓе не можат да стигнат“, рече Мекфол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни