Презентирајќи ги бројките, премиерот Еди Рама, во обраќањето на настанот „Албанија 2030“, организиран од министертвото за туризам, искажа задоволство од континуираниот раст на бројот на туристите, нагласувајќи дека зголемувањето на бројот на туристи повеќе не е приоритет, туку подигањето на квалитетот и бројот на посетители кои ќе трошат повеќе.
-Голем раст на туристи е забележан од Франција, Германија, значително е зголемен на оние од Кина, Индија, Австралија. Растот на бројките за нас веќе не е прв приоритет, приоритет е да се зголеми квалитетот на услугите и бројот на туристи кои трошат повеќе во нашата земја. Постои многу интересна корелација помеѓу зголемувањето на бројот на посетители и подобрувањето на перцепцијата за нашата земја и нашите граѓани, на која, како на пример во Франција, се гледаше како на црна дупка што донесува црни овци, што сега е сосема обратно, рече Рама.
Тој ги отфрли, нарекувајќи ги зли дезинформации, вестите дека годинава е намален бројот на туристи од Косово за дури 140 илјади.
-Не е вистина дека бројот на посетители од Косово е намален. Тоа не се појавува во никакви конкретни бројки, напротив, има зголемување кое не е големо, бидејќи, всушност, има малку или воопшто нема Албанци во Косово кои не биле во Албанија, посочи Рама.
Тој ги критикуваше сопствениците на сместувачки капацитети и трговци за рапидно зголемените цени ова лето, што разбирливо има негативно влијание врз должината на престојот на туристите.
Минатата година, земјата забележа рекордна посетеност од 11,7 милиони туристи, што беше за 15,2 отсто повеќе споредено со претходната година, при што најбројни беа косовските и македонските туристи. До 2030 година се очекува во земјата да престојуваат над 20 милиони туристи.