За мисијата на Маск на Марс и Русија нуди нуклеарна технологија

Русија би можела да испорача мала нуклеарна електрана за мисијата на Марс што ја планира милијардерот и извршен директор на „СпејсИкс“, Илон Маск, изјави денеска специјалниот пратеник на Кремљ за меѓународна соработка, Кирил Дмитриев.

Тој изјави дека Москва е подготвена да разговара за оваа можност со Маск преку видео-конференција. Ова е вторпат овој месец рускиот функционер да зборува за потенцијална соработка со Маск.


Оваа понуда доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп започна преговори со Русија со цел обновување на билатералните односи, кои достигнаа најниско ниво во последните децении поради војната во Украина. Москва се надева на економска соработка со Вашингтон, и покрај тоа што американските санкции кон Русија остануваат во сила.

Маск, кој има блиски односи со претседателот Трамп, изјави дека неговата ракета „Старшип“ ќе биде подготвена за лансирање кон Марс до крајот на следната година, и покрај неколкуте неуспешни тестови и скептицизмот на одредени вселенски експерти во врска со роковите.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Маск напиша дека пилотираните мисии на Марс би можеле да започнат најрано во 2029 година, но поверојатно околу 2031 година.

Минатата година тој зборуваше за плановите за изградба на „самоодржлив град на Марс во наредните 20 години“, што би барало сигурен извор на енергија.

Дмитриев, кој воедно е и шеф на фондот за привлекување странски инвестиции, изјави на маргините на „Арктичкиот форум“ во Мурманск дека Русија има значаен придонес што би можела да го понуди за мисијата на Марс.

– Русија може да понуди компактна нуклеарна електрана за мисијата на Марс, како и други напредни технологии, изјави тој за државната агенција РИА Новости, пренесува БТА.

– Веруваме дека Русија има многу што да понуди за оваа мисија, бидејќи поседуваме неколку нуклеарни технологии кои можат да се применат, додаде Дмитриев, нагласувајќи дека Москва е подготвена за соработка со Маск, кого го нарече „голем визионер“.

Минатата година тогашниот директор на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Јуриј Борисов, изјави дека Русија и Кина разгледуваат можност за поставување нуклеарна електрана на Месечината во периодот 2033-2035 година – нешто што, според него, би можело да доведе до изградба на постојани населби на Месечината.

Во 2022 година, Русија најави дека ќе започне работа на своја мисија кон Марс, откако Европската вселенска агенција го прекина заедничкиот проект поради војната во Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни