Овој споменик како и „Могилата на непобедените“ во село Могила и спомен обележјето кај Песјобрдце, Прилепско се дел од успешните проекти за превентивна заштита на спомениците од НОВ, на Министерството за култура.
Селото Лавци има емотивна нишка со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, бидејќи е родно место на нејзиниот дедо, првоборецот Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941. Посветеноста на Гудовски, како и многу други Mакедонци во тој период, се доказ за издржливоста и решителноста за Македонија да биде слободна денеска.
„Како горда внука на мојот дедо Пецо Гудовски, пораснав со неговите емотивни раскажувања за настаните и подвизите на партизаните и за нивната херојска борба против фашистичкиот окупатор. Веројатно затоа, за мене борбата на партизаните е најсилната асоцијација на борба за слободна на македонскиот народ,“ истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Инаку, проектот за превентивна заштита на спомениците од НОВ вклучуваше опсежно чистење на спомениците, хортикултурно уредување на околината, обнова на патеките, промена на оштетените плочи на постаментите, комплетирање на натписите на самите споменици, а ревитализирана е и Алејата на народните херои во Могила.
„Од суштинско значење е да се потсетиме и да ја почитуваме пожрвтвуваноста направена од нашите предци. Превентивната заштита на спомениците во Лавци, во Могила и во Песјобрдце не е само почит кон борците, туку и симбол на нашата посветеност за зачувување на богатото историско наследство за иднте генерации“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Нашата држава утре ја одбележува 82-годишнината од народното востание – 11 Октомври, како почеток на Народноослободителното движење. Иницијативите како оваа дополнително ја истакнуваат важноста на сеќавањето на минатото и неговото значење во обликувањето на иднината, затоа минатото се памети, историјата се почитува, а иднината се гради.
Министерството за култура продолжува да дава приоритети и да инвестира во проекти кои го нагласуваат значењето на македонското културно-историското наследство.