Не ми беше потребно да те познавам за да се расплачам како дете кога ти ја гледам сликата на Партизанска, Фросина. Ова е најтешкиот текст што сум го напишала досега, вратена од масивниот протест на кој многумина бараа правда и одговорност. Веројатно сме имале некои слични интереси, сме се сретнале некаде. Можеби сме имале заеднички познаници, соништа, желби. Заедничко ни било и живеењето во ваков корумпиран и себичен систем. Од него ти директно настрада, додека јас стојам пред твојата фотографија, свеќи и цвеќиња и долго гледам во неа. Не знам што можам да кажам сега што не си го кажувам овие неколку дена освен тоа дека полека но сигурно гледаме како се множат жртвите од системската корупција, безобразие и ужас. Ме јадат немоќ, бес и лутина цела недела и тие не поминуваат лесно. Не смеат да поминат.
Не ми беше потребно да те познавам за сега да чувствувам колку длабоко мизерно живееме веќе долго време, судејќи по тоа како заврши твојот живот. Оној кој е најмалку виновен секогаш страда најмногу, како ова да е паролата што го дефинира животот во Македонија од нејзината независност. Тебе те снема на место каде секој ден поминуваме по неколку пати и не можам да не помислам на поважна тема за која би пишувала сега, ниту сакам. Сè што ми треба е споделувањето на овој бес и лутина. Не е фер да се живее овде вака, но не е фер и што самите како граѓани дозволивме да се случи во оваа земја каде корупцијата си го зема данокот секојдневно, а политичките флоскули се користат за залажување на проблемите на нас обичните луѓе. Епа, политичари, функционери и кои и да сте: веќе никој не ви верува. На сите ни е дојдено преку глава.
Не знам што понатаму со интензивните емоции, но знам дека нас очајно ни треба рестарт. Твојот скапоцен живот не се враќа. Со големи букви пред мене стојат два збора: ОЧАЈ и ПРОМЕНИ. Ние друг пат немаме, ниту смееме ниту можеме да избереме. Дали ќе нè биде како држава или не зависи од оваа способност да се избориме за нормален и праведен живот тука. Ова нè засега сите, нас кои тагуваме и кои треба да се потсетиме повторно дека интензивниот граѓански ангажман мора да го активираме како алатка за покажување на нашиот бунт. Ни треба долгиот крик на очај затоа што овде отиде одамна сè по ѓаволите.
Секој нов ден подобро и подобро ги разбирам соседите од Белград и Нови Сад, нивната болка и тежина. Не требаше долго за таа болка да се префли кај нас, ние редовно ја искусуваме и молчиме генерално кога треба да го покажеме незадоволството. Ќе ни простиш ли Фросина што дозволуваме овој систем, овие неправди да траат, а ти и многу други невини луѓе сте жртви? Ќе ни простат ли сите кои загинаа на скопските улици? Ќе ни простите ли затоа што дозволивме да молчиме пред ужасна корупција, неправди, ужаси и секој ден уште повеќе се повлекувавме во себе наместо да ни пукне филмот порано? Не е дека тоа се нема случено, ама не е доволно.
И не треба да ни простите затоа што вас веќе ве нема. Сега сме тука каде што сме: полни со бес, лутина и тага првично кон тоа како дозволивме да се води нашата држава, а потоа и кон тоа што моментално правиме за да побараме радикална промена. Масовниот неделен протест покажа дека на луѓето им е преку глава и дека мобилизација е можна, но исто така покажа колку мора заедно да работиме за суштински промени во ова општество. Инаку иднината ќе ни се лизга од раце обоена во црно и во жал. Немојте да ни простите затоа што имаме многу лекции да научиме за да може вистински и темелно да почнеме да правиме промени од самите корени. Во спротивно, навистина ќе останеме само многу тажни и апатични луѓе кои гледаат во неправдата околу нив и не разбираат дека без нивната акција ништо нема да се помрдне. Правдата нема да ни ја дадат, мора сами да се избориме за неа.