За филмот MaXXXine на Ty West

MaXXXine, режиран од Ty West и со Mia Goth во главната улога, е најновото поглавје во неговата хорор трилогија која ја истражува опсесијата со славата и сенишната природа на шоу-бизнисот. Филмот продолжува по настаните од X и Pearl, фокусирајќи се на амбициозната Maxine, која се затскрива и бега од своето мрачно минато за да го освои Холивуд во 1980-тите

На тематско ниво, MaXXXine успева да го истражи и да го прикаже тенкиот баланс меѓу амбицијата и моралната компромитација. Преку креативен пристап, Ty West го прикажува Холивуд како место каде што што се сонува, ама и се манипулира и уништува. Тој продолжува со својот препознатлив стил, спојувајќи хорор и сатира. Филмот е визуелно впечатлив, успешно доловувајќи ја естетиката на 1980-тите со помош на носталгичната музика потпишана од ZZ Top, New Order и Frankie Goes to Hollywood. Поткрепен со карактеристичните синт-ривајвл кадри и ретро естетика, филмот ја одразува ерата на неконтролиран хедонизам, додека сировата енергија на Гот додава длабочина на каратерната комплексност на Maxine. Во филмот се појавуваат и Елизабет Дебицки, Кевин Бејкон и Џанкарло Еспозито. Нивните изведби додаваат едно ниво на длабочина и богатство на приказната, но реално филмот не успева секогаш да ја одржи консистентноста на приказната и на тоналитетот.

Како завршно поглавје на трилогијата, MaXXXine ја спојува естетиката на хорор и нео-ноар жанрот, создавајќи напнатост која е истовремено и вознемирувачка и привлечна. West создава хорор атмосфера која е помалку базирана на класичните жанровски тропи, а повеќе на психолошка тензија и суптилно истражување на темната страна на човековата амбиција. Интересна е и авторската одлука да се рекреираат цели моменти и дизајни од култните филмови од 80-те, а посебно од класикот Hunger во режија на Тони Скот. Филмот функционира како критика на опсесијата со успехот и начинот на кој индустријата го троши и трансформира индивидуалното “јас”.

Местоположбата и периодот, исполнети со неонски светла и дискотеки, го даваат финалниот блесок на Maxine на т.н. пат кон славата, кој е подеднакво опсесивен и саморазурнувачки. MaXXXine е еден вид на метафоричен хорор за цената на славата, во кој Вест преку ролјата на Гот пренесува моќна порака за амбицијата и уништувањето на идентитетот – правејќи го овој филм интелигентно заокружување на трилогијата. Во ретроспектива, MaXXXine  е визуелно атрактивен и тематски амбициозен филм кој ја консолидира Миа Гот како современа scream queen. Иако не успева целосно да ги задоволи високите очекувања на фановите поставени од претходните филмови, сепак нуди занимлив поглед на темите кои ги истражува. Авторската екипа успева да создаде впечатлива завршница на трилогијата, иако со одредени недостатоци во наративната структура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни