Грипот во Македонија почнува да ја губи силата, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во петтата недела од 2026 година, во периодот од 26 јануари до 1 февруари, регистрирани се 1.498 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува намалување од 12,3 проценти во споредба со претходната недела, кога биле евидентирани 1.708 случаи.
Иако овој период од сезоната вообичаено носи зголемување на бројот на заболени, епидемиолошките податоци покажуваат дека трендот на неделно ниво веќе втора недела по ред оди надолу. Дополнително, бројот на пријавени случаи е значително понизок и во споредба со истата недела од минатата сезона, како и со т.н. типична епидемиска крива базирана на податоци од последните 15 години. Според ИЈЗ, актуелната неделна инциденца се оценува како ниска активност на вирусот.
Еден смртен случај во петтата недела
Во истиот период е пријавен и еден смртен случај асоциран со грип. Станува збор за 62-годишен маж од Тетово, хоспитализиран на Инфективното одделение во Клиничката болница во Тетово. Кај пациентот биле утврдени коморбидитети, не бил вакциниран против сезонски грип, а лабораториски била потврдена инфлуенца А. Со овој случај, во сезоната 2025/2026 вкупниот број на починати лица поврзани со грип изнесува четири.
Кои возрасни групи се најпогодени?
Најголем број од регистрираните случаи се кај лица на возраст од 15 до 64 години (866 случаи). Потоа следуваат: деца од 5 до 14 години – 247 случаи, лица над 65 години – 224 случаи, деца од 0 до 4 години – 161 случај.
Иако апсолутно најмногу заболени има меѓу возрасните, највисока инциденца е регистрирана кај децата од 0 до 4 години, што ги прави оваа група особено ранлива.
Сезонски пик и улогата на вакцинацијата
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега се регистрирани 11.415 случаи на грип, при што најголемиот дел се евидентирани во текот на јануари, што укажува на изразен сезонски пик. И покрај тековното намалување на бројот на случаи, вирусолошкиот надзор покажува дека вирусот и понатаму циркулира на регионално ниво.
Процентот на позитивност останува над 10 проценти осум недели по ред, што според ИЈЗ укажува на среден интензитет на активност на вирусот.
Здравствените власти повторно апелираат дека вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита, особено за хронично болните, повозрасните лица и здравствените работници. Заклучно со петтата недела од 2026 година, вакцинирани се 79.105 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
