Пластичните и оксобиоразградливите ќеси, кои од декември 2021 година во маркетите се продаваат по 15 денари, сега целосно се забрануваат со стапување во сила на одредбите од Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Во употреба ќе бидат единствено биоразградливите ќеси.

Од први јуни годинава, на сила стапи Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат ќесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција.Службен весник на РСМ“ бр. 112/23 од 31.05.2023 год. Тоа значи дека забранети се оксо биоразградливите ќеси, во употреба смеат да бидат само ќеси од биораградлив материјал.

Минатата година, на 31 мај 2023 година, Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на член 10 став (6) од Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/21), донесе Правилник за изменување на Правилникот за стандардите за биoразградливост кои треба да ги исполнуваат ќесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција.
Според Член 1, во Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат ќесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи ќеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.265/21) во членот 2 во точката 1 зборовите „ќеси над 15 микрони“ се заменуваат со зборовите „ќеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони“.

Од први јуни 2024 година целосно се забранува продавањето на пластични ќеси и оксо-биоразградливи ќеси за носење на стоки кои ги плаќавме по 15 денари во продавниците. Оваа обврска за трговците е утврдена со Закон за управување со пакување и отпад од пакување од 2021 година.
Тоа значи дека трговците задолжително ќе мора да пласираат ќеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради како и секој органски материјал од вода, јаглерод диоксид и биомаса.
Од овој датум престанува употребата на оксо-биоразградливи ќеси кои беа задолжителни од 2013 година.
Ќеси за носење на стоки се ќеси над 15 микрони наменети за носење на производи и стоки за лична потрошувачка кои се набавуваат во продавници, магацини, складови, деловни простори, зелени пазари и посебни пазари каде што се врши трговија на мало.
Во употреба остануваат пластичните ќеси за носење текстил, книги, канцелариски материјал, техничка стока, лекови и помошни медицински производи, садови за домаќинство, сите видови на обувки, детски играчки, спортска опрема и слична стока. Ќесите за ѓубре не претставуваат ќеси за носење на стоки и не се опфатени со овие мерки.
Процесот за намалување на употребата на пластичните ќеси за еднократна употреба ќе продолжи, што е и обврска која државата ја презела од аспект на усогласувањето со законодавството на ЕУ.
Од Министерството за животна средина добивме информација дека генерално се почитува Законот за користење, иако има и случаи каде не се почитува. Во моментов во државната каса се слеале 47 871 927 денари од продажбата на пластични ќеси, како што беа обврзани трговците да ги уплатуваат овие пари од продажбата на пластични ќеси. Изминатава година се продадени 3 739 994 ќеси.

Според М-р. Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за управување со отпад при Управата за животна средина/Министерство за животна средина и просторно планирање, Законот дава позитивни резултати, бидејќи има драстично намалување на употребата на ќесите. За период од 1 јануари до 1 декември 2021 продадени/дадени бесплатно 27 922 721 ќеси (пред да стапи на сила законот), а од 1 декември 2023 до 31 декември 2023 се продадени само 3 739 994 ќеси ( или само 13% во однос на ќесите кои се продавале/или давале беплатно до пред да стапи законот на сила).

„Собраните средства се инвестираат преку програмата за проширена одговорност на производителите која се донесува секоја година. Со средствата од 2023 година ќе се финасира кампања за подигнување на јавната свест и пренесување на информации кои ќе го зголемат разбирањето за важноста, ефектите и придобивките од добар и одржлив систем за управување со отпад, засилување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во овој поглед, кои во сегашниот пристап претежно се потпираат на соработката со надворешни фактори како што се НВО, приватен сектор или академската заедница. Истата ќе стартува од септември 2024 година. Исто така, со дел од средствата се набавија сини жолти контејнери за сите општини во земјата, за селекција на хартија/тетрапак и пластика/лименки“, истакнува Каранфилова Мазневска.

Професорката Јадранка Блажевска Гилев од Институтот за органска технологија, учествувала во изработка на научниот дел од Законот за употреба на пластични ќеси и во тој дел таа понудила решенија. „Дали и колку се почитува веќе е дискутабилно. На почетокот кога излезе се почитуваше и потоа некако како повторно полека почнаа да се враќаат пластичните ќеси. Значи оние кои ги произведуваат пластичните ќеси, толку многу притискаат преку своите комори да законодавецот замижува на сето тоа што се случува, а ние мораме под најитно да ја тргнеме пластиката за еднократна употреба. Најважно е тоа, да се донесе закон, забрана за пластика за еднократна употреба. Тоа што го прави Европа, треба да биде и кај нас, само така драстично ќе се намали овој пластичен отпад што ние го гледаме. Значи ние комплетно никогаш не можеме да се откажеме од пластиката, таа е секаде околу нас и ќе биде, меѓутоа онаа пластика за еднократна употреба е најголемиот проблем и таа е онаа која ја гледаме по улицата расфрлана, оваа другата е повредна економски и се собира и рециклира. И ако државата не помогне затоа што ниту една фабрика за рециклирање не може да опстои доколку државата не ја помага, евтин е материјалот и не може фабриката да ги плати работниците. Значи се вртиме во круг, цело време се обидуваме да го решиме проблемот, ајде ќе правиме прилагодување бидејќи ќе ги затворат фабриките. Не, не, нема да ги затворат, бидејќи тие наместо пластични ќеси за една употреба ќе почнат да произведуваат друг тип на пластика која е корисна на пазарот.
Во законот се објаснува каква се штета може да направи таа пластика и како таа се разградува во микро и нано димензии и најдена е во крвотокот на човечки организам, преку храната, преку се можеме да ја внесеме а во основа таа пластика е нафта, значи ние имаме внесено нафта, а тоа е канцерогено и не е во ред тоа да го имате во организам. Јас зборував за опасностите кои постојат од тоа да таа се распадне и да биде насекаде околу нас и дека треба да се собира. Ама во Законот мојот предлог беше тие кеси да не чинат 15 или 50 денари, туку 300 денари да бидат, да има платнени и хартиени и конечно да се тргнат пластичните како можност“, потенцира професорката Гилев.

Ставот на Пакомак, е дека забраната за користење на пластични ќеси е добра мерка, после многу години имплементирана во нашата држава. „Тоа е еден од првите чекори во целата таа низа од активности кои што треба да се направат за едукација на луѓето за правилно селектирање на отпадот и правилен третман на отпадот во нашите домови. Бидејќи ние ако користиме соодветни ќеси за ѓубре и соодветни ќеси за селектиран отпад за пакување што се надевам дека ќе биде следен чекор, многу полесно понатаму ќе биде она што дома ние ќе го селектираме да го одложиме во контејнерите. Западните искуства велат дека години наназад тој амбалажен отпад се собира во една ќеса, комуналниот отпад се собира во друга ќеса и ако така го одвоите отпадот веќе од дома, тогаш ќе видите дека голем дел од отпадот кој го генерираме во нашите домови, отпаѓа на пакувања кои што имаат додатна вредност и употребна вредност во понатамошниот процес на третман на отпадот и циркуларната економија којашто сега е многу важна, така што мислам дека ефектот од забрана за користење на пластични ќеси е одлична мерка и мислам дека дава резултати. Ако поминеме по маркетите можеме да видиме дека кај луѓето веќе се создаваат навики, си носат торби од дома но и маркетите се веќе прилагодени да продаваат текстилни и хартиени ќеси кои што можат да се искористат повеќекратно.

Она што мене лично ми пречи се оние тенки ќеси кои се уште циркулираат по пазарите, тоа треба да се регулира, но чекор по чекор. Има голем исчекор и нема реакции од граѓаните бидејќи секоја мерка која што се имплементира ако добро се искомуницира и ако се тоа е транспарентно и ако е за доброто за сите нас, не може да биде лоша мерка, макар и тоа што се плаќаат по 20-30 денари. За спас на планетава ако мислиме малку поглобално треба да се вратиме на нашите стари навики од пред повеќе од 50 години затоа што има многу народ на оваа планета а се помалку ресурси на самата планета кои што можат да ги опслужат потребите на населението. И затоа е сега многу важна циркуларната економија, да се користи отпадот за негова повторна употреба, или од органскиот отпад да се произведе електрична енергија“, вели Ико Брдароски од Пакомак за Трн.