За еден месец ќе се одржи првото рочиште за случајот со дискотеката „Пулс“ од Кочани

Случајот за најголемата несреќа во земјава во која животот го загубија 63 лица ќе се одвива во рамки на Казнено-поправната установа Идризиво

Судењето за трагедијата во кочанската дискотека Пулс започнува на 19 ноември во 9 часот и 30 минути, објавија од Кривичниот суд, од каде велат дека поканите до странките се веќе во фаза на достава.

Случајот за најголемата несреќа во земјава во која животот го загубија 63 лица ќе се одвива во рамки на Казнено-поправната установа Идризиво, а случајот ќе го води скопското јавно обвинителство. Предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска. 

Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, согласно измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи. Дополнително, заради ефикасно и економично постапување,  определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. 

Се огласија и родителите и блиските на починатите, кои известија дека бидејќи добиле датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината. Тие соопштија и дека со големо внимание ќе го следат судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата.

„Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста“, посочија родителите.

Денес, кога навршуваат точно седум месеци од трагедијата, беше погребан и фронтменот на групата ДНК, Владимир Блажев – Панчо, кој беше тешко повреден во пожарот и по 213 дена лекување во болница им подлегна на повредите. 

Инаку, и оваа сабота, со почеток од 15 часот и 5 минути во Кочани ќе се одржи 27. „Марш за Ангелите“, со кој родителите и семејствата на загинатите бараат правда за своите најмили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни