Прв или втор ден на новото лето кое светот го дочека драматично, со бомбардирање на нуклеарни централи. Измеѓу овие вести, безброј изгубени животи, глад и нехуманост кои делумно ги сведочиме преку медиумите, дојдоа високите температури и онаа тивка потреба за мир, која се чини тешко е да ја замислиме за колективите низ светов. Дел од нив масовно ги снемува, а ние сме позади нашите екрани, читајќи вести за тоа. На лично ниво, не смеам да се откажам – си мислам додека лежам во зелената градина дома и во позадина оди новиот албум на Дина Јашари ,,Растенија без корен”. Додека сè околу нас се превртува, се преиспитуваат нашите позиции и потреба да не сме сами, нежниот глас на Дина и прекрасните текстови на песните како мелем на рана ќе го освојат и јуни и јули, цело лето – си помислувам.
Албумот има една специфична меланхолија, која е силно проткаена со нежност, надеж и љубов. Тоа, ми се чини е толку добро спакувано, затоа што песните не те оставаат ни рамнодушен, ни препуштен само на едно конкретно чувство како поради мелодиите, така и поради тој неверојатно добар текст. ,,Растенија без корен” е албумот на мојата и генерациите блиски до мене кои во моментов го сведочат она што се случува околу низ нив преку внатрешните процеси кои не само што се комплексни, туку во извесна мера се и романтизирани и поетични ако го гледаме и како целина, но и во песните засебно. Не можеш да одвоиш војна од љубов и од тага, ниту од градот како дом и како простор за никнување, ниту од работите кои немаат смисла. Додека во позадина оди ,,Кревка”, како моја носечка песна на албумот, застанувам и го слушам неверојатно медениот глас на Дина:
… И ако за момент во еден краток миг
Обратен од вечноста се насмевнеш ти
Колку да ме скокотнеш име да ти извикам
Во најкратка песна смислена и пеана
Тогаш има смисла сето ова чекање…
.
И молчам, со затворени очи додека не започне ,,Растенија без корен” која прилично силно удира со стиховиве:
… Војна не ни запрела спомени да обојат…
Мали сме за да не сонуваме
Мали сме за да се сокриеме
Од цел свет што чека да го видиме…
Ова ќе биде веројатно најкраткиот текст кој некогаш сум го напишала, затоа што седам, ја преслушувам и одново и одново ги впивам тие впечатоци на летаргија, мелахнхолија и празен простор меѓу растењето и светот на возрасните во кој се впиени толку многу чувства. Одамна не сум начекала некој албум на македонскава музичка сцена кој ми дал толку отворена дозвола да му се препуштам и да се изгубам во него.
Во прашалници за летото, за животот воопшто, за нашите генерации и нештата низ кои поминуваме, за бунтот преку нежноста и тагувањето, за клучните зборови кои се повторуваат периодов од кои мора да излезе нешто силно од нашиот потенцијал како луѓе, или барем така сакам да се надевам, се враќам одново и одново на овие текстови. Низ динамиката на сите девет песни си ги чувствувам своите 26 години и мислам на ова новото неизвесно топло пред нас, неизвесно постоење, сакање и воопшто одржување на себеси и односите со другите. Мислам дека екипата на албумот завршила фантастична работа, затоа што ова е целина за созревањето и неговите болки кој го баравме генерациски подолго време, албум кој нема само да се слуша туку и многу долго ќе се чувствува. И нежноста, едноставно не може без неа. А што е процесот на создавање музика или каква било уметност ако не контакт со најдлабоките внатрешни потреби и патувањето кон себе разлеани баш преку емоциите?