Џез вечер што не се пропушта: на 6 ноември во 20:00 часот, сцената на Националната опера и балет ќе ја обедини македонската и американската џез традиција. Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со легендарниот американски состав Yellowjackets, предводен од прочуениот диригент, саксофонист и долгогодишен член на групата – Bob Mintzer.
Yellowjackets се пионери на џез-фјужн жанрот, познати по својата прецизна свирка, интелигентна композиција и енергија што ги брише границите меѓу стиловите. Угледното списание JazzTimes ги опиша како „совршено запалив електро-акустичен состав, чии предизвикувачки и непредвидливи композиции црпат инспирација од fusion, post-bop и современиот џез.“
Во повеќедецениската кариера, Yellowjackets издадоа 25 албуми, освоија две Греми награди, и настапија на најголемите светски сцени. Нивниот звук е синоним за креативна еволуција и џез-иновација – од енергичните почетоци во осумдесеттите до модерните, виртуозни аранжмани што инспирираат генерации музичари.
На сцената во Скопје ќе настапат во актуелниот состав: Russell Ferrante (клавијатури и пијано), Bob Mintzer (саксофон), Dane Alderson (бас) и Will Kennedy (тапани). Заедно со Националниот џез оркестар, ќе создадат вечер на музички дијалог и импровизација – спој на домашната енергија и светскиот звук.
Концертот е ексклузивна можност за публиката во Македонија да го доживее спојот на џез класата, фјужн визијата и современиот грув – во живо, на една сцена.
