YES Фестивал ја објави програмата за новото издание на фестивалот есен/зима 2025 кое ќе се одржи на повеќе локации низ Скопје.
„Во ова издание на „YES ФЕСТИВАЛ“, кое се одржува во помал обем од пролетното издание, ставаме фокус на три авторки: македонската писателка, драмска писателка и сценаристка Драгана Лукан Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек“ велат организаторите.
Фестивалот е повторно поделен на два дела: „програма за млади и возрасни“ – или вечерна програма и детска програма.
ВЕЧЕРНА ПРОГРАМА
20 ноември, четврток
20:00 – Промоција на романот „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски, бистро „Комедија“
Музика: Илина Ангеловска
Снимки од извадоци од книгата: Никола Ристановски, Тина Трпкоска и Жаклина Петровска
22 ноември, сабота
19:00 Промоција на графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ на наградуваната шведска авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд, кафе-бар „Долап“
Читање на извадоци од делото и разговор со авторката. Разговорот ќе го води Лени Фрчкоска
26 ноември, среда
19:00 Отворање на галеријата „Чудна шума“ (веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“)
Промотивно претставување на новите изданија на „Чудна шума“ – графички романи: „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, „Адна“ од Самира Кентриќ, „Теа. Дневник“ од Криста Унцнер и „Тивка војна“ од младиот македонски автор Методија Стојановски
ДЕТСКА ПРОГРАМА
20 ноември, четврток
11:00 „Фати ми го синото мече“ – читање и креативна работилница за деца од основни училишта со хрватската илустраторка Ванда Чижмек, библиотека „Страшо Пинџур“ (придружен објект на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“) – работилница од затворен тип
21 ноември, среда
11:00 „Фати ми го синото мече“ – читање и креативна работилница за деца од основни училишта со хрватската илустраторка Ванда Чижмек, библиотека „Другарче“ (придружен објект на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“) – работилница од затворен тип
18:00 Читачки клуб – Скопје со „Чудна шума“ и „Мама ми чита“ – промоција: читање и креативна работилница со хрватската илустраторка Ванда Чижмек за книгите „Фати ми го синото мече“ и „Кики, ние те сакаме!“ – Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ (детска читална)
25 ноември, вторник
11:00 Читачка работилница за книгата „Големата црна птица“ од германската писателка Штефани Хефлер, библиотека „Јане Сандански“ (придружен објект на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“) – работилница од затворен тип.
Драгана Лукан Николоски е драмска писателка, сценаристка, драматург и раскажувачка од Скопје. Нејзиното творештво се движи на раскрсницата меѓу интимата и општествената моралност, истражувајќи ги механизмите на контрола на желбата за слобода.
Пишува драми кои ја разоткриваат лажната општествена моралност и ја застапуваат идејата за безусловна слобода. Нејзините текстови се поставувани на сцена и учествувале на меѓународни фестивали и конкурси, а како драматург работела на бројни театарски проекти.
Нејзиното дебитантско прозно дело „Улица Мајмунска“ е издадено во 2020 година. Со „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ продолжува да ја истражува прозната форма, задржувајќи ја драмската напнатост и дијалошката прецизност. Секој расказ е мал театар на меланхолијата, иронијата и отпорот – простор каде што љубовта постојано се соочува со системите што ја ограничуваат.
Ана Хоглунд е шведска авторка и илустраторка родена во 1958 година. Се смета за една од најзначајните шведски илустраторки, а работела со автори како Улф Старк и Барбро Линдгрен. Има напишано и свои авторски дела (сликовници и книги за млади), а била наградена со повеќе шведски и меѓународни награди, како „Deutscher Jugendliteraturpreis“, плакетата „Elsa Beskow“, наградата „Zilveren penseel“, „August Prize“ и плакетата „Nils Holgersson“.
Во 2016 ги добива и меморијалнаѕа награда „Astrid Lindgren“ (ALMA) и посебно споменување (Special Mention) за „Bologna Ragazzi Award“.
Жири-комисијата за наградата „Astrid Lindgren“ вели: „Ана Хоглунд пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тенденциозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели.“
Ванда Чижмек илустрирала многубројни сликовници и книги за деца и млади, списанија за деца и бележници. Добила многубројни пофалби и награди за нејзината работа, меѓу кои се неколку награди за сликовницата со Силвија Шесто – „Фати ми го синото мече“: наградата „Григор Витез“, Почесната листа на IBBY, „Хрватска убава книга“, а во 2023 сликовницата „Фати ми го синото мече“ беше вброена во каталогот на програмата на IFLA – „World Through Picture Book“ – како една од десетте најдобри хрватски сликовници.
