WhatsApp ја менува функцијата „About“ – добива изглед сличен на Instagram Notes

Популарната апликација воведува редизајнирана и подинамична верзија на „About“, која ќе биде повидлива, полесна за користење и повеќе интерактивна.

WhatsApp објави дека ја обновува функцијата „About“ – една од најстарите алатки во апликацијата – претворајќи ја во подинамична, видлива и современо организирана опција што многу потсетува на Instagram Notes.

Како што соопшти компанијата на својот официјален блог, новата верзија на „About“ има цел да биде брз сигнал за контактите: зошто не одговарате во моментот, што сакате да споделите или која информација сакате другите веднаш да ја видат. Кратките пораки и емотикони ќе бидат во фокусот, а ажурирањето носи и нови интерактивни можности.

Најголемата промена е позиционирањето: „About“ сега ќе биде видливо на врвот на приватните разговори и на профилот на корисникот. Дополнително, станува и интерактивно – корисниците ќе можат директно да одговорат на нечие „About“ со еден допир.

Функцијата ќе има временска ограниченост, слична на „стори“ концептот. Основната поставка е исчезнување по 24 часа, но WhatsApp нуди можност статусот да се тргне порано или да остане подолго, во зависност од изборот на корисникот.

Со оваа промена, апликацијата ја следи растечката тенденција на визуелна и брза комуникација, со цел корисниците полесно да пренесат моментално расположение, обврска или порака преку минимален текст и симболи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни