WhatsApp и Messenger добиваат нова заштита од интернет-измами

Компанијата Meta воведува нови безбедносни функции на WhatsApp и Messenger со цел подобро да ги заштити корисниците од се почестите интернет-превари. Новите алатки автоматски ќе предупредуваат за сомнителни пораки, контакти и обиди за злоупотреба на профилите.

Компанијата Meta најави нови безбедносни функции за платформите WhatsApp и Messenger, кои треба да помогнат во борбата против интернет-измамите и злоупотребата на корисничките профили. Новите алатки користат системи за детекција што анализираат сомнителни активности и навреме испраќаат предупредување до корисниците. 

Една од најважните новини на WhatsApp е предупредување кога системот ќе забележи сомнителен обид некој да го поврзе профилот со друг уред. Оваа измама често се користи кога напаѓачите ги убедуваат корисниците да споделат код или да скенираат QR-код, со што тие добиваат пристап до нивните разговори. Новиот систем ќе прикаже известување за потеклото на барањето и ќе предупреди дека може да станува збор за измама. 

Во Messenger се воведува функцијата „Scam Detection“, која анализира пораки и препознава типични модели на измами – како лажни понуди за работа, инвестиции или брза заработка. Кога ќе се открие сомнителна комуникација, корисникот добива предупредување и можност веднаш да го блокира или пријави профилот. 

Meta наведува дека анализата најчесто се извршува директно на уредот на корисникот, со што се задржува end-to-end енкрипцијата на разговорите. Само ако корисникот одлучи, сомнителните пораки може дополнително да се испратат на автоматска анализа. 

Компанијата нагласува дека ваквите мерки се неопходни бидејќи измамниците сè почесто користат социјални мрежи и апликации за пораки за да дојдат до лични податоци, банкарски информации или пари од жртвите. Новите функции треба да им помогнат на корисниците полесно да препознаат и да избегнат интернет-превари. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни