Компанијата Meta го ажурираше својот WhatsApp API и најави дека од почетокот на следната година ќе биде забранета употребата на чат-ботови со вештачка интелигенција од трети страни, како што се ChatGPT, Perplexity, Luzia и Poke.
Новата политика беше објавена на 18 октомври, а ќе стапи во сила на 15 јануари 2026 година, објавија Nezavisne novine.
Meta го зацврстува својот монопол во AI четбот комуникацијата
Со овој потег, Meta очигледно сака да го задржи монополот во развојот на AI четботови на својата платформа. Компанијата веќе неколку месеци активно ги интегрира своите Meta AI функции во WhatsApp, Facebook и Instagram, без можност корисниците да ги исклучат.
Meta објави и дека разговорите со Meta AI ќе се користат за прикажување персонализирани реклами на своите различни платформи – потег што предизвика критики од дел од експертите за приватност.
Новите правила важат само за „четботови со општа намена“
Согласно новата политика, AI асистентите со општа намена ќе мора да го прекинат своето работење на WhatsApp, но правилото нема да се однесува на компании што користат AI за корисничка поддршка.
Тоа значи дека деловните ботови кои одговараат на прашања, следат нарачки или даваат поддршка на клиенти ќе можат да продолжат да работат, додека AI апликации што користат генеративна интелигенција за разговори (како ChatGPT) ќе бидат целосно забранети.
Крај на ChatGPT во WhatsApp
Овој потег ќе има значително влијание врз трети компании кои во последните месеци создадоа сопствени верзии на ChatGPT за WhatsApp, овозможувајќи им на корисниците да комуницираат со напредни AI асистенти директно преку апликацијата.
Сега, по новите ограничувања, овие услуги ќе мора да престанат со работа, а WhatsApp ќе остане исклучиво под контрола на Meta AI системот.