Гласовните пораки се одлична форма на комуникација бидејќи ни овозможуваат брзо да се изразиме, особено кога алтернативата е пишување предолги пораки. Не помалку корисни се и примените гласовни пораки, кои ни овозможуваат правилно да го разбереме тонот на личноста со која разговараме, како и, доколку е потребно, да ја слушаме снимката одново и одново.
Меѓутоа, понекогаш едноставно немаме време да слушаме што ни пратиле соговорниците или не сме во можност – без разлика дали сме на состанок или во бучна средина. Токму за овие ситуации е наменета транскрипцијата на гласовните пораки, која WhatsApp сега ја имплементира.
Со одење до Поставки > Разговори > Транскрипти на говорни пораки, корисниците може да ја вклучат или исклучат транскрипцијата или да го променат јазикот, без да се грижат за приватноста. Од компанијата Мета велат дека конверзијата на глас во текст се врши директно на уредот и дека никој, па ни самиот WhatsApp, не може да слушне или прочита што има во нив.
За почеток, поддржаните јазици се англиски, португалски, шпански и руски. Списокот ќе биде проширен во наредните месеци, но не се знае кога македонскиот јазик ќе стане официјално достапен.
Транскрипцијата на гласовните пораки се применува постепено, а во наредните недели оваа функција треба да стане достапна за сите. Транскрипцијата доаѓа помалку од една недела откако WhatsApp конечно доби нацрти за пораки.