„We’ve Lost Dancing“ и Кочани – Песна за изгубени танци, ден за изгубени животи

Песната „We’ve Lost Dancing“ на Fred again.. станува тивка рамка за сеќавањето на трагедијата во Кочани и изгубените млади животи.

„We’ve Lost Dancing“ е песна што звучи како колективно писмо до сите што барем еднаш нашле утеха на подиум. И токму затоа болно и тажно се вклопува во ден како 16 март, кога се сеќаваме на трагедијата во Кочани, каде млади луѓе загинаа среде концерт, на место што требаше да биде најбезбедната точка на светот за нив.

Разговор што станува трака за изгубените ноќи

Во срцето на „We’ve Lost Dancing“ не стои класичен текст, туку еден приватен разговор. Продуцентот Fred again.. во најтешкиот дел од пандемијата ѝ се јавува на својата пријателка и диџејка The Blessed Madonna (Marea Stamper) да праша како е, а таа, како и многумина од нас тогаш, почнува да зборува за она што најмногу ѝ недостига: клубовите, фестивалите, ноќите кога стотици тела се движат во ист ритам, случајните прегратки со непознати и чувството дека барем на неколку часа си дел од нешто поголемо од себе.

Таа не држи говор, туку искрен монолог за тоа дека сме го изгубиле танцувањето, сме ги изгубиле прегратките, сме ги изгубиле местата каде што се чувствуваме живи и за надежта дека, ако успееме да поминеме низ ова, она што доаѓа после може да биде чудесно.

Fred го снима тој разговор и го сече во семплови, претворајќи ги најболните и највистинити реченици во „вокал“ на траката. Врз нив гради емотивен house грув: пијано‑луп што пулсира како светло на далечен подиум, 4/4 ритам што прво шепоти, па потоа се гради, како клуб кој полека се буди. Така се раѓа „Marea (We’ve Lost Dancing)“ – песна што истовремено е документарен запис од едно lockdown утро и химна за сите што остана без својата ноќна заедница.

Песна што одговара и за глобалната пандемија и за локалната македонска трагедија

Кога светот ја слушна „We’ve Lost Dancing“, повеќето ја прочитаа како трака за глобалната пандемија: клубови со катанци, фестивали откажани, диџеи и музичари без сцена, млади кои полнолетноста ја дочекаа пред екрани наместо на подиум.

На 16 март 2025 во Кочани, токму тој подиум се претвори во хорор: младите што дошле по музика, по размена на енергија, по чувство дека „ова е нашата ноќ“, ја загубија не само вечерта, туку и животот. Таму не изгубивме само танцување. Изгубивме деца, пријатели, идни приказни. И токму тука „We’ve Lost Dancing“ престанува да биде само пандемиски дневник и станува звучна рамка за една друга, многу конкретна порака „нема танц овој понеделник!“.

ThisMondayNOdance може да го прочитаме како македонски рефрен на песната: не затоа што не веруваме во танцот, туку затоа што знаеме колку е скапоцено кога постои и колку болно е кога се губи на начин на кој никогаш не сме ни помислиле. Да му кажеш „не“ на танцот во понеделник, во чест на младите што никогаш повеќе нема да можат да танцуваат, е исто толку политички и емотивен чин колку и да му кажеш „да“ кога условите се правични и безбедни.

Во тој контекст, објавата на 16 март станува повеќе од музичка препорака. Таа е покана да се сетиме дека танцувањето е право – право на тело, на простор, на безбедност, на радост која не смее да заврши како црна хроника и национална трагедија. „We’ve Lost Dancing“ ни кажува што значи да го изгубиш тоа право на глобално ниво; Кочани ни покажа што значи да го изгубиш локално, одеднаш и неповратно. А нашата задача, и како публика, и како градови, и како држава, е да направиме сè што можеме таа реченица во иднина да нѐ постетува на вечниот помен за младите од Кочани и на тоа дека треба да се бориме против сите оние што ни ја нарушуваат безбедноста и ни ги загорзуваат животите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни