Сè појасно се наѕира дека српскиот претседател Александар Вучиќ повторно ја разгледува можноста за враќање на премиерската функција, во момент кога владејачката Српска напредна странка се соочува со сериозен проблем – нема јасен кандидат кој со сигурност би победил на идните претседателски избори.
Во јавноста сè почесто се зборува за можна промена на Уставот, со која би се сменил начинот на избор на претседателот. Како „пробен балон“ се појави предлогот на Војислав Шешељ, кој јавно сугерира претседателот на Србија да не се избира на непосредни избори, туку во Народното собрание.
Аналитичарите и дел од опозицијата сметаат дека ваквата идеја директно одговара на интересите на владејачката структура, имајќи предвид дека СНС располага со двотретинско мнозинство потребно за уставни измени. Во изминатиот период како можни наследници на Вучиќ се споменуваа повеќе имиња, но ниту едно не се наметна како сигурен изборен победник, особено во услови на пад на партискиот рејтинг.
Од опозицијата предупредуваат дека ваквиот потег би значел дополнително слабеење на демократските механизми и оддалечување на граѓаните од институцијата претседател. Според нив, префрлањето на изборот во Собранието би ја зацврстило концентрацијата на моќ и би го олеснило политичкото маневрирање на власта.
Иако засега нема официјална иницијатива, уставната процедура овозможува ваков чекор, а сигналите што доаѓаат од врвот на власта и од нејзините сојузници отвораат сериозно прашање дали Србија се движи кон нова, контроверзна уставна интервенција.
