Обвинителството за организиран криминал (ООК) соопшти дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги прекршил и злоупотребил своите уставни и законски надлежности, и дека покажал обид за недозволено влијание врз обвинителите, коментирајќи активни постапки во јавноста во гостувањето во емисијата „Ќирилица“ на 3ти Ноември.
Како што јавуваат српските медиуми – меѓу кои РТС и Mašina – Обвинителството во своето соопштение наведува дека претседателот, „наместо да ја гарантира независноста на правосудството, ја доведува во прашање“, со што „создава услови за опструкција на правдата“.
Во документот дополнително се наведува дека изјавите на Вучиќ се „навредливи и неточни“ и дека ја нарушуваат независноста и интегритетот на обвинителите.
Сепак, според достапните информации, до овој момент не е поднесена формална кривична пријава против Вучиќ. Реакцијата на Обвинителството се смета за јавно предупредување дека ваквите постапки го поткопуваат уставниот поредок и владеењето на правото.
Обвинителството засега не соопшти дали ќе преземе понатамошни правни чекори.