Вучиќ: За Северина имам најлошо мислење, но тоа на границата беше глупаво

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во дневникот на Пинк зборуваше за задржувањето на Северина на српската граница.
Фото: World Economic Forum/Ciaran McCrickard/Flickr

„Ќе ве изненади ова што ќе ви го кажам. Јас сабајле му се јавив на Дачиќ, го разбудив, за да видам што се случува со Северина. Тој ми рече вака и вака е и ми кажа дека не е приведена, туку дека е задржана на граница два часа. И јас мислам дека тоа е многу глупаво и непотребно. Не поради Северина, за која имам најлошо мислење“ рече Вучиќ.

Српскиот претседател додаде дека Србите мора да се разликуваат од Хрватите.

„Не дај Боже да водам држава во која ќе се апси секој кој ги слуша песните на Томпсон. Пуштете ги сите и Селма Бајрами. Тоа што тие ја мразат Србија говори за нив“ рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека за случајот со Северина, која ја опиша како „некоја пејачка“, која кажувала дека Србија е геноцидна држава и дека тој е диктатор, реагирале сите политички партии и, како што кажа, таканаречената демократска јавност, но никој не реагирал за Немања Бериќ.

Српскиот претседател вчера објави дека во зградата на претседателството на Србија го примил адвокатот на Немања Бериќ, кој според него е Србин што хрватските власти го уапсиле само поради тоа што е Србин.

„Нема да верувате, поминал 15 дена во хрватски казмат само поради што во својот автомобил пеел песна на Баја Мали Книнџа“ објави Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Инаку, Северина објави дека на испитувањето на границата ѝ биле поставувани прашања за Сребреница, операцијата Олуја, зошто ги поддржувала протестите против рудниците за литиум, како и за Јасеновац и Туѓман.

„Србијо, те сакам…и сакам што побрзо да станеш демократска. Но нема веќе да доаѓам во Србија додека овој не слезе од власт. Сите добро знаеме кој“ рече Северина.

Најново

Последни колумни