Српскиот преседател Александар Вучиќ денеска на неговиот инстаграм профил објави видео од гостување во ток шоу емисијата „Хит твит“, на ТВ Пинк. Осврнувајќи се на студентските протести во Белград и во другите градови во Србија, кои започнаа како реакција на трагичната несреќа во Нови Сад, каде загинаа 15 лица, и кои се фокусираат на барања за политичка и кривична одговорност, рече дека во моментот размислува само за иднината на Србија.
„Знаете ли која птица му се качува на грбот орелот и постојано го колва – Врана. Но, орелот не ја отфрла враната со мавтање на крилата, туку ја победува така што летнува во висина. И враната повеќе ја нема. Јас нема да губам време на тие улични пресметки.
Тоа навистина не можам да и го направам на Србија, туку сметам дека треба да работиме за најдобриот интерес на нашата земја. Овие две години, јас сакам да се занимавам со големи работи, да се занимавам со Експом, со изградба на земјата, со зголемување на платите и пензиите, да се занимавам со растот. Сакам да одам во оние висини за кои тие не можат да размислуваат, бидејќи тие единствено размислуваат како ќе ме навредат и што лошо ќе кажат за мене. И ништо друго.
Кога одам во тие висини, се чувствувам многу добро во тој разреден воздух. Се е чисто, таму размислувам само „За Србија утре“, „За Србија во иднина“. Тоа никој не може да го сопре, никој не може да го спречи“, рече Вучиќ во емисијата „Хит Твит“.
Во емисијата на новинарката Верица Брадиќ секоја недела и гостуваат личности од политичкиот и од јавниот живот со кои разговара за актуелни теми.