Колегиумот на Радио Телевизија на Србија (РТС) и редакцијата на дописниците на РТС соопштија дека ја сметаат за непримерна изјавата на претседателот Александар Вучиќ, кој ја навреди новинарката на јавниот медиумски сервис Лидија Георгиев, нарекувајќи ја „имбецил“.
На митингот во Бор на 2 март, Вучиќ рече дека „некој имбецил од дописникот од Ниш“ известува од протестот во Ниш, на кој студентите повикаа на блокада.
Вучиќ уште рече и дека РТС не е јавен сервис, туку „сервис на пленумот и опозициските политички партии“.
Во Ниш, на 1 март, десетици илјади луѓе ги блокираа централните улици на градот во 18 часот за време на протестот „Студентски едикт“.
Дописната редакција на РТС објави соопштение во кое најостро ја осудува изјавата на српскиот претседател и побара јавно извинување.
„Го осудуваме секој облик на притисок и сите други напади врз медиумските работници од страна на властите и опозицијата. Сакаме да си ја вршиме работата без притисок. Бараме од сите политички актери да престанат да се обидуваат да ги регулираат и дисциплинираат медиумите“, се вели во соопштението.
Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) ја осуди изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ и го повика јавно да се извини за тоа.
„Неприфатливо е институцијата која треба да го претставува единството на српските граѓани да навредува, дискриминира и врши притисок врз новинарите и медиумите на кој било начин“, истакнуваат од НУНС, додавајќи дека претседателот е „очигледно незадоволен од известувањето од Ниш“.
НУНС го повика Вучиќ „да почне да ја негува културата и етиката на јавниот говор, да не користи говор на омраза и агресивна реторика која поттикнува дискриминација и агресивно однесување“.
Тие нагласија дека претседателот на Србија „не е овластен да влијае на уредувачката политика на медиумите“ и дека улогата на јавниот медиумски сервис е „вистинито, непристрасно, целосно и навремено да ги информира граѓаните на Србија“.
Претходно, на 2 март, Здружението на новинарите на Србија (УНС) и Синдикатот на новинарите на Србија (СИНОС) објавија дека изјавата на претседателот е „непристојна за секој носител на јавна функција, особено за претседателот на државата“.
По реакцијата Вучиќ се извини.