Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговото извинување до демонстрантите било искрено и дека не било израз на страв, туку на желба да се смири општествената атмосфера и да се врати дијалогот.
„Моето извинување беше искрено, не затоа што сакам да се додворавам или затоа што се плашам, туку затоа што сакам да ја сменам климата во општеството“, изјави Вучиќ при обиколка на градилиштето на Националниот стадион во рамки на EXPO проектот.
Тој додаде дека понекогаш реагирал емотивно на „ирационални навреди“, но дека знае да признае грешка, „за разлика од политичките противници“. „Мојата рака е подадена кон сите што мислат поинаку. Јас сум претседател на сите граѓани,“ нагласи Вучиќ.
Во врска со најавите за политичките промени, Вучиќ потврди дека ќе „излезе во пресрет на блокадерите“, најавувајќи дека парламентарните избори ќе бидат одржани пред редовниот рок, а точниот датум ќе го утврдат надлежните институции.
Претседателот се осврна и на вчерашното одбележување на трагедијата во Нови Сад, кога пред една година под надстрешница на железничката станица загинаа 16 лица. Вучиќ изјави дека на комеморацијата присуствувале околу 40.000 луѓе, дека сè поминало „мирно и достоинствено“ и дека е горд на ваквиот однос на граѓаните.
Во врска со апсењето на новосадскиот опозициски претставник Миша Бачулов, обвинет дека инсценирал сопствено труење за да го обвини Вучиќ, претседателот рече дека му е „речиси жал за тој човек, затоа што помислил дека е важен“.
Извор: N1info.rs
