Вучиќ истакна дека Србија никогаш не увезла уред од типот „Вортекс“, кој некои извори го споменуваат, и дека странски експерти не потврдиле никаква употреба на звучен топ. Тој ги отфрли наводите за злоупотреба на полициска опрема и оцени дека ваквите информации имаат за цел да предизвикаат дополнителни тензии по протестите.
Министерот за внатрешни работи во оставка, Ивица Дачиќ, првично изјави дека српската полиција не поседува никакво звучно оружје. Сепак, откако се појавија фотографии и снимки од уред поставен на возило на Жандармеријата во близина на Собранието на Србија, тој одржа прес-конференција на која потврди дека таков уред постои. Дачиќ дури и демонстрираше како функционира, но нагласи дека никогаш не бил употребен против граѓаните.
Сепак, според истражување на Балканската истражувачка мрежа (BIRN), српската полиција користела „уред сличен на оружје за производство на звук“ уште во ноември 2023 година. Овој уред бил употребен при присилното иселување на мигранти од објект во предградието на Сомбор. Според сведочењата, на 7 ноември 2023 година, околу 35 мигранти – главно мажи, но и неколку жени и деца – во паника се обиделе да побегнат низ полињата, кога одненадеж се слушнал силен и продорен звук.
Ова тврдење се совпаѓа со извештајот на „Групата за следење на насилството на границите“ (Border Violence Monitoring Group), објавен во ноември 2024 година. Во него се наведува дека српската полиција користела „уред сличен на оружје кое користи звучни бранови“ за да „предизвика бучава и да ги исплаши луѓето за време на иселувањето“. Според извештајот, постои сомнеж дека станува збор за LRAD (Long Range Acoustic Device), уред кој се користи за звучна контрола на толпи.
Овие наоди ги доведуваат во прашање официјалните изјави на српските власти и го отвораат прашањето за транспарентноста во однос на употребата на вакви технологии врз цивилното население.