Вучиќ речиси целиот говор го посвети на односот со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, што всушност отвори многу поважна политичка тема од именувањето на мандатарот, односно кој би можел да биде негов наследник.
Како што пишува Нова.рс, Вучиќ меѓу редови потврдил дека Јанковиќ ја одбил неговата понуда да стане премиер на Србија, но затоа го претставил како сериозен кандидат за претседател на Србија.
Наводно името на Јанковиќ со недели беше на врвот на листата на Вучиќ за нов премиер, но проблемот беше што неговиот мандат во Љубљана трае до октомври. Според истиот извор, Јанковиќ пред објавувањето на мандатарот бил во Белград и лично разговарал со Вучиќ, што потврдува дека понудата била сериозна.
На крајот Вучиќ го назначи Ѓуро Мацута, доктор по ендокринологија, клинички професор и предавач, кој јавно се спротивстави на студентските протести кои траат во Србија повеќе од 5 месеци.
Но, повеќе од само избор на кандидат, Вучиќ испрати политичка порака до јавноста: Зоран Јанковиќ, словенечкиот градоначалник и негов пријател, еден ден може да ја води Србија. По 2027 година, според Уставот, Вучиќ повеќе не треба да се кандидира за претседател.
Јанковиќ е градоначалник на Љубљана од 2006 година, со неколку прекини, а иако многумина го фалат за големиот напредок на словенечката престолнина, во исто време го следеа и бројни обвинувања за непотизам, корупција и клиентелизам. Јанковиќ е родум од Смедерево, Србија, а во 70-тите години со семејството се преселил во Словенија.