Српскиот претседател Александар Вучиќ им се обрати на студентите кои протестираат против неговиот режим речиси деввет месеци и ги покани нивните претставници на јавна ТВ дебата.
„Предлагам разговор и дебата на сите наши телевизии и портали, со легитимни претставници што тие ги избираат. Подготвен сум да влезам во дијалог, дебата јавно, со три или четири лица кои размислуваат поинаку. Тие имаат право да го бараат ова од својот претседател, вклучувајќи избори и сè друго“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека целта не е да се добие дебатата, туку заедно да се најде решение: „Време е да ги покажеме лицата на секој од нас, да ги покажеме лицата и програмите. Сакам борба на визии, борба за иднината, да ја решиме преку дијалог и разговор, без конфликти и насилство. Да ја вратиме земјата во нормала и да ја вратиме на вистинскиот пат. Ќе се потрудам да покажам тоа почитување“, напиша тој на Инстаграм.
Реакцијата на студентите дојде брзо. Студентите на Земјоделскиот факултет во Белград накратко твитнаа: „Можеби кога ќе распишеш избори!“
Можда кад распишеш изборе!@avucic pic.twitter.com/cNZE2Ko6LR
— Poljoprivredni blokada (@agrifblokira) August 22, 2025
Студентите на Филозофскиот факултет исто така одговорија: „Претседателот нè покани на јавна дебата. Очигледно е дека нема одговор на народниот бунт, па сега би разговарал со нас, кои со месеци нè нарекува терористи. Ќе дебатираме за визиите и програмите за иднината во предизборната кампања, кога ќе ги распише изборите.“