Елвис и Амар Хот и Карло и Паоло Блажевски се двете братски двојки кои оваа година го донесоа најголемиот успех за Македонија на Red Bull Half Court од неговото глобално постоење. Македонија првпат стигна до големото финале, играјќи го последниот натпревар со Египет, една од најдобрите 3х3 екипи на светско ниво.
Патот до финалето започна со сигурни настапи на екипата EUROEDIL HOLDING во групната фаза, каде тимот обезбеди две победи против САД (13:7) и Малдиви (21:7), а последниот натпревар го играа со Јужна Африка, каде победата ја однесе противникот со краен резултат 15:10.
Победата над САД, едни од фаворитите на ова финале, дефинитивно го постави тонот за понатамошниот настап на нашата репрезентација. Двете победи беа доволни за пласман во нокаут фазата, каде македонскиот тим во четвртфиналето ја совлада силната селекција на Јапонија со 14:9, а во полуфиналето ја демонстрираше најубедливата игра на турнирот со победа над Молдавија од 21:4.

Оваа година, светското Red Bull Half Court финале обедини 30 тимови од 18 земји, а дополнително значаен момент за Македонија беше тоа што дизајнот од теренот во Влае, дело на уметникот Сатја Грабулоски, на кој досега се играа две национални Red Bull Half Court финалиња, беше прикажан на интерактивниот LED под на кој се играа натпреварите од светското финале во Дубаи.
Во крајно неизвесното финале, Амар, Елвис, Карло и Паоло храбро се бореа и останаа конкурентни до самиот крај, но титулата светски Red Bull Half Court шампион ѝ припадна на репрезентацијата на Египет, со краен резултат 21:12.

Со легендарниот Museum of the Future во позадина, натпреварот донесе жешка атмосфера, а привлече и бројни светски познати имиња од кошаркарската сцена, меѓу кои AND1 легендата The Professor, четирикратниот светски шампион и олимписки медалист Dušan Bulut, EuroLeague ѕвездата Džanan Musa и WNBA ѕвездата Arike Ogunbowale, кои уживаа во целиот спектакл. Публиката имаше можност да биде сведок на спектакуларно шоу со дронови, Jet Suit перформанс и настапи од музички артисти и брејкденсери кои дополнително ја вжештија атмосферата.

Од своето деби во 2021 година, Red Bull Half Court континуирано се стреми да ја редефинира глобалната streetball сцена со моќен спој на спорт, урбана култура и креативност. Оваа година, Дубаи го отвори патот кон следната станица – светско Red Bull Half Court финале во Филипини во 2026 година.
Со овој историски пласман, EUROEDIL HOLDING испрати јасна порака дека Македонија има тимови кои можат да конкурираат на највисоката меѓународна 3х3 сцена, подготвени за уште поголеми успеси во иднина.

Во 2026, Red Bull Half Court повторно се враќа и во Скопје за нови предизвици и нови можности за сите оние што сакаат да го обезбедат својот тикет за светското финале во Филипини.
