Второ издание на Приштина квир фестивал

Првиот викенд од септември, Приштина ќе биде домаќин на второто издание на Prishtina Queer Festival, настан кој го слави ЛГБТИ идентитетот и ја промовира културата на прифаќање, љубов и различност. Фестивалот ќе се одржи од 6 до 8 септември и ќе понуди богата програма со активности кои ќе го истакнат креативниот дух на заедницата, но и ќе понудат простор за дискусија и размислување за предизвиците и искуствата на ЛГБТИ лицата.

Во рамки на фестивалот на 7 септември во Burned Hall во Палатата на младите ќе има многу музика и настапи кои ќе траат цела ноќ. Под слоганот „I NOW HAVE: NO FEAR,“ посетителите ќе имаат можност да се ослободат од стравовите од одбивање, изолација и неразбирање, и да го прослават својот идентитет на автентичен начин. Настанот ќе го водат локалната музичарка Tuana и познатите диџеи од Берлин, Puca и Kursiv, кои ќе ја донесат енергијата на светските клупски сцени на подиумот во Приштина.

Следниот ден, на 8 септември, во Кафет е Ракис ќе се одржи отворен пазар каде присутните ќе можат да разменуваат или купуваат облека, уметност, книги и рачно изработени предмети. Овој инклузивен пазар ќе биде придружен со музика од Miki, Gimi, Sahati, King Kovaci, и Xhenisa, кои ќе се погрижат за позитивна и пријателска атмосфера во квартот. Ако некој сака да продава свои предмети, може да се регистрира преку формулар на линкот: линк, а бројот на места е ограничен.

Освен забава и размена, фестивалот ќе понуди и простор за дискусија и размислување. Една од значајните работилници која ќе се одржи е на тема „Историјата на queer идентитетите и самоприфаќањето,“ каде учесниците ќе разговараат за тоа како полесно да го прифатат својот идентитет и како да се изборат со општеството кое понекогаш не прифаќа различности. Водител на оваа работилница ќе биде Едлира Мешау, позната активистка со долгогодишно искуство во менталното здравје и отворена борба за ЛГБТИ правата во Албанија. Работилницата е наменета за сите што сакаат да научат повеќе за себе и queer историјата, а регистрацијата е отворена до 4 септември: линк.

Како дел од фестивалот, на 8 септември во кино „Армата“ ќе биде прикажана специјална програма на кратки филмови, во соработка со Queer Lisboa, долгогодишен меѓународен фестивал посветен на филмската уметност која ги третира темите на queer животот. Програмата ќе вклучува филмови што обработуваат теми како што се телепатска комуникација, љубов, осаменост, страв, отпор и технологија, и ќе им понуди на гледачите емотивни приказни и можност за дискусија за queer искуствата преку уметноста.

Prishtina Queer Festival е настан кој не само што нуди културна програма, туку и отворен простор за ослободување, заедништво и поддршка за сите што се дел од ЛГБТИ заедницата и нивните сојузници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни