Втора реприза на „Прима фацие“ вечерва во Албанскиот театар

Монодрамата од Сузи Милер, која првпат се поставува на сцена во земјава, отвора прашања за согласноста, правдата и родовата еднаквост во правниот систем.

По премиерата и првата репризна изведба, вечерва, на 6 април, со почеток во 19 часот, на малата сцена во Албанскиот театар во Скопје ќе се одржи втората реприза на монодрамата „Прима фацие“.

Станува збор за драмски текст на австралиската авторка и поранешна адвокатка Сузи Милер, кој во изминатите години доживеа силен меѓународен успех. Претставата првпат беше поставена во Сиднеј во 2019 година, а подоцна освои и престижни театарски признанија, меѓу кои и „Лоренс Оливие“ во Лондон и „Тони“ на Бродвеј.

„Прима фацие“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија и ја следи приказната на Теса Енслер, успешна адвокатка специјализирана за одбрана во случаи на сексуално насилство. Нејзиниот однос кон правниот систем почнува да се менува по личен настан што целосно го преиспитува нејзиното дотогашно разбирање на правдата.

Претставата отвора теми што ретко може да останат само на сцената, согласноста, моќта, родовата нееднаквост во правниот систем и начинот на кој правдата се толкува и доживува. Токму затоа, по изведбата е најавена и кратка јавна дискусија со експерти од Македонското здружение на млади правници и ХЕРА, со цел разговорот да продолжи и надвор од театарскиот простор.

Улогата на Теса Енслер ја толкува Сара Анастасовска, режијата е на Драгана Гунин, преводот на Благој Б. Бошковски, а музичката плејлиста ја подготви DJ DULELUD. Претставата е во продукција на Здружението ТЕСА – Скопје, а соработници на проектот се МЗМП, ХЕРА и Млади Хаб.

Проектот е поддржан во рамки на „Култура за развој“, програма на Владата на Швајцарија што ја имплементира Хартефакт фонд во периодот од крајот на 2024 до крајот на 2028 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни