Во еден таков second hand бутик, може да најдеш џемпер од дедо ти, винтиџ фустан од 60-тите, брендирана јакна од Скандинавија или уникатно дизајнирано сако со рачна доработка. Понекогаш, треба да имаш трпение и раце што знаат да копаат по огромни кошници, но ако знаеш што бараш – ќе излезеш како победник, со парче што раскажува приказна.

Циркуларна економија во модата: дали Македонија е подготвена за промена?
Северна Македонија се наоѓа на самиот почеток од патот кон циркуларна економија, но веќе постојат сериозни насоки и институционални препораки за нејзино унапредување. Текстилната индустрија е идентификувана како една од петте приоритетни области во Националниот патоказ за циркуларна економија (OECD, 2024), а тоа не е изненадувачки ако се земе предвид нејзината важност во економијата на државата – со околу 800 активни компании, 10% од вкупниот извоз и над 36.000 вработени.
Сепак, индустријата и понатаму функционира речиси исклучиво во модел на аутсорсинг производство, со ниско ниво на локален дизајн, реупотреба или рециклажа. Проблемот со отпадот е сè уште нерешен – текстилниот отпад претежно завршува на депонии, додека повторната употреба останува минимална. Националниот документ препознава дека е потребен системски пристап: редизајн на производи, намалување на отпадот, воведување поправки и долготрајна употреба на облеката.

Во овој контекст, second-hand културата може да има значајна улога. Иако таа не е сè уште масовно прифатена како во западноевропските земји, интересот расте – особено кај младите. Се организираат pop-up настани, разменувачки акции, Instagram страници кои промовираат одржлива мода и повторна употреба. „Разменотеката“ на АРНО е еден таков локален пример каде граѓани менуваат книги, облека, предмети за домаќинство и играчки. За многумина од новите генерации, „трифтингот“ веќе има симболичка и вредносна димензија – прашање на став, а не само на економија.
Здружението АРНО, кое во 2025 година стана дел од европската мрежа RREUSE, активно придонесува за оваа трансформација. Во април го отворија Центарот за поправки „Ништо ново“, каде се одржуваат работилници за шиење и поправка на облека. Интересот е значителен – над 100 граѓани веќе учествувале. Иако се работи претежно за круг на свесни, активистички ориентирани граѓани, интересот покажува дека постои потенцијал за проширување на свеста.

„Сепак, пошироката слика останува предизвик. Платформи како Temu, кои нудат исклучително евтина и често неетички произведена облека, сè повеќе ги освојуваат потрошувачите во Македонија“, потенцира Ирина Јаневска, активистка и основчка на АРНО. За производство на еден пар фармерки, на пример, се користат околу 3.781 литри вода, а текстилната индустрија глобално е меѓу најголемите загадувачи поради употребата на хемикалии и големата потрошувачка на ресурси. Прашањето кое се поставува е: која е вистинската цена на таа облека од 200 денари?
Промената на перцепцијата за вредноста на second-hand облеката и повторната употреба не може да се случи без едукација, пристапност и институционална поддршка. Сè почесто во Европа се применува моделот на проширена одговорност на производителите (EPR), каде брендот има обврска да се грижи за облеката дури и откако ќе престане да се користи. Тоа значи дека иднината носи не само нови регулативи, туку и потреба од темелна промена на начинот на кој размислуваме за облеката.
Како што истакнува Ирина Јаневска од АРНО, не се работи само за носење облека од втора рака, туку за прашање на животна филозофија. „Ми треба ли навистина уште една јакна, уште една кошула? Од каде е таа потреба толку да се менува, да се има, да се покаже?“ – прашува таа, потенцирајќи ја личната одговорност во ерата на масовен конзумеризам.
Додека во Прага, Сараево и Стокхолм second-hand продавниците се преполни, кај нас културата допрва се гради. Но трендот е тука, и има потенцијал. Ако сакаме поодржливо општество, ќе мора да ја поддржиме повторната употреба – не само со зборови, туку и со конкретни политики, едукација и промена на секојдневните навики.
„Облеката е втор најголем загадувач на планетата – веднаш по нафтената индустрија. Тоа треба да биде доволна причина за да се запрашаме: зошто купуваме ново, кога веќе постои доволно?“ – вели Ирина Јаневска, активистка и промотор на одржлив живот.
За неа, second hand купувањето е еден од наједноставните начини поединецот да има позитивно влијание. „Во време кога модната индустрија е одговорна за масовно загадување, преголема продукција и кршење на работнички права, одлуката да купуваш од втора рака станува политички и етички чин“, додава таа.
Социјалните мрежи, според Ирина, исто така одиграа голема улога во промена на ставовите: „Се повеќе млади споделуваат second hand аутфити, разменуваат облека, и се инспирираат едни од други. Важно е да се зборува за ова – гласно, секој ден, до сите генерации.“
Виолета Куцуловска: „Од хоби до мисија – second hand е мојот отпор кон лудилото на брзата мода“
Виолета Куцуловска е човек што со години наназад носи second-hand облека, не затоа што тоа било тренд или нужда, туку затоа што така чувствувала дека останува верна на себе. Никогаш не била следбеник на модата. Напротив – облеката за неа отсекогаш била форма на самоизразување, начин да каже „ова сум јас“ без зборови. И да, често ѝ велеле дека изгледа старомодно или „чудно“ (најчесто од нејзиниот брат, но тоа не само што не ѝ пречело, туку ѝ годело. Го славела чувството дека е своја – без компромис.

Како дете, Виолета носела алишта наследени од братучетки. Во средно училиште, мајка ѝ ѝ ги покажала нејзините внимателно сочувани фустани и сукњи од младоста – и таа се вљубила. Така започнала љубовта со винтиџот, со стилот што има душа и приказна. Тоа не беше само гардероба – тоа беше основа за оформување на сопствен стил, одбивност кон моменталните трендови, и копнеж по индивидуалност.
По една голема пролетна чистка, пред повеќе од две години, Виолета го создаде Save – прво како мал онлајн профил на Инстаграм, а потоа како вистинска, физичка продавница и тоа во Струга. Но Save не е обична продавница за облека од втора рака. Тоа е микроскопска револуција против лудилото наречено брза мода.
Виолета вели: „Брзата мода е машинерија што исцрпува, загадува, експлоатира. Мораме да го смениме правецот – од фешн, бренд и луксуз, кон вредности. Мојот избор на second-hand облека беше прв чекор. Save е вториот. Од пасија, ова стана мисија.“

Нејзината продавница не нуди само облека – таа е и образовен простор. Преку објавите, советите и внимателно избраните парчиња, Виолета ги воведува следбениците во светот на одржлива мода. Ги учи како да размислуваат надвор од шаблоните и како да гледаат на гардеробата како на одраз на лична и етичка одлука.
„Не се залажувам дека ќе го спасам светот, ама знам дека можам да ја проширувам свеста – за бавна мода, за избор, за одговорност,“ – вели таа.
Се уште не живее од Save, но вложува со цело срце. Сонува за самоодржлив бизнис и упорно работи на тоа.
Иако кај нас second-hand модата често се поврзувала со немаштија, Виолета верува дека доаѓа нова ера – онаа во која ќе ја разбереме вистинската вредност на повторната употреба, автентичниот стил и модата што не ги уништува ни човекот ни природата.
Најубави ѝ се моментите кога скептични посетители ѝ стануваат редовни клиенти. Како госпоѓата што прво рекле „туѓа облека не носам“, а месец дена подоцна се вратила да ѕирне што нуди. Таквите средби за Виолета се „мали големи победи“.
Save не е само продавница. Save е отпор, израз, љубов и визија. А Виолета Куцуловска е нејзиното срце – тивка, но гласна борка за мода со смисла.

„Допрва ќе ја разбереме круцијалната важност на реупотребата. Доаѓа нова ера.“
Андреј Папаз: „Модата е став, не цена. Јас гордо го носам џемперот од дедо ми стар 35 години“
Модниот дизајнер Андреј Папаз не само што го поддржува second hand концептот, туку и го практикува. „Облеката не го менува својот статус според тоа од каде е купена, туку според тоа како ја носиме. Стилот доаѓа од нас, не од етикетата“, вели тој.
Винтиџ парчињата се новиот луксуз – а често и поквалитетни
Андреј Папаз е моден дизајнер кој преку личниот стил и професионалната практика ја поддржува идејата за одржлива мода. За него, second hand облеката не е компромис – туку можност за креативен израз и сведоштво за личен моден идентитет.
„Облеката не го менува својот статус без разлика од каде е купена, но ја добива својата автентичност преку личноста што ја носи и начинот на кој се комбинира и стилизира,“ вели Папаз.
Тој верува дека ако second hand купувањето се сфати како стил на живеење, тогаш парчињата облека добиваат значење, приказна и визуелен идентитет кој често надминува трендови. Освен што е модна изјава, ваквиот избор е и одговорен: „Модната индустрија е втор најголем загадувач во светот. Тоа е доволна причина да ја преиспитаме нашата перцепција за облеката како производ, како вредност и како културна навика.“
Како дизајнер кој е застапник на одржлива иднина, Папаз практикува и редизајнирање на своите стари парчиња – не само од естетски, туку и од етички причини. „Износените сакоа или оштетената облека ја редизајнирам и им давам нов изглед. За некои од тие парчиња сум добивал комплименти, па дури и нарачки. Сум носел такви парчиња и на црвен килим и на официјални настани.“

Од својата лична колекција, тој носи облека купена уште пред 17 години, а неодамна почнал да комбинира и гардероба од својот дедо, стара над 35 години: „Тоа се парчиња што совршено се вклопуваат во стилот што го негувам денес.“
На прашањето дали second hand знае да понуди повеќе автентичност и квалитет отколку fast fashion, неговиот одговор е јасен: „Се разбира. Масовното производство – па дури и кај познатите брендови – денес нуди облека со сè послаб квалитет. Возрасните знаат што значи квалитетна ткаенина, крој и изработка. Во таа трка, облеката во second hand продавниците секогаш го има приматот на победник.“

За него, second hand облеката нуди нешто што fast fashion не може – автентичност, квалитет и приказна. „Денешните масовни брендови често нудат лош квалитет по високи цени. Старите парчиња се правени да траат. Тоа го чувствуваш штом ги облечеш.“
Second hand – новото нормално
Во Скопје денес постојат десетици second hand продавници, со различни концепти – од винтиџ бутици, до неугледни продавници со килограми облека од Скандинавија. Купувањето од втора рака веќе не е тајна која срамежливо се крие, туку гордост.

Глобалниот моден гигант H&M, исто така, веќе неколку години собира стара облека во замена за попуст на нова – што е силен сигнал дека и самата индустрија почнува да прави заокрет. Ова не е случајност, туку резултат на промена во свеста кај потрошувачите, кои бараат повеќе од стил – бараат смисла.
Од стил до став – second hand е повеќе од мода
Облеката од втора рака не е само економичен избор – таа е културен став, еколошка одговорност и стилски израз. Таа не вика: „немам пари“, туку шепоти: „знам што правам“. Таа не следи тренд – таа создава свој.

Во време кога модата сè повеќе наликува на фабрика за отпад, second hand нè потсетува дека најдобриот моден додаток е свеста.