Search

Втора работна средба во КСП „Центар – Јадро“ во рамки на ECHO CURVE

ECHO CURVE е заеднички проект на Алтернативниот културен центар „Attack“ од Загреб, Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектниот простор Прес ту егзит“ од Скопје, и Асоцијацијата на уметници „Project EXP“ од Нови Сад, која е и иницијатор и носител на проектот. Проектот го нагласува процесот и практики засновани на истражување, кои ги опфаќаат и образовните и креативните аспекти. Проектните активности се одвиваат во периодот од мај до ноември 2024 година, а започнаа со отворен повик за пријавивување на млади уметници до 30 годишна возраст од овие три града, од кои, по пат на селекција, беа избрани девет, по тројца уметници од секој град, и тоа: Игор Таневски, Мануела Паук, Иван Станиќ, Христијан Нешуловски, Мирјана Миловановиќ, Ума Томашевиќ, Наталија Ранковиќ, Јован Јосифовски и Стела Микулин.

Потоа следеше online средба и запознавање со организаторите и уметникот Јане Чаловски кој е во улога на ментор. Првата работна средба се одржа во Загреб од 22-26 јуни во просторот на „Attack“ во рамки на која свое предавање имаше Сабина Саболовиќ од кураторкиот колектив WHW, а се посетија простори и институции од независната културна сцена. Втората работна средба со работилница, прошетки низ градот, запознавање со огранизации и простори од културата, средба со уметници и куратори, како и предавање на уметницата Христина Иваноска, ќе се одржи од 23-27 јули во Скопје во КЦП „Центар-Јадро“. Во текот на овие работни средби уметниците работат на разработка и реализација на нови идеи и дела кои ќе бидат изложени во рамки на групна изложба во Нови Сад курирана од македонската кураторка Јованка Попова во почетокот на месец ноември, а која ќе биде заокружување и последна средба во рамки на проектот. Регионалниот уметнички проект „ECHO CURVE“ е поддржан од Швајцарската влада преку проектот „Culture for Democracy“, а имплементиран од Heartefact Foundation. За повеќе информации посетете ја веб страната www.projectexp.org/echo-curve.

Која е идејата зад проектот ECHO CURVE?

Во контекст на физиката, а токму при мерењето на мерачите на радарското ниво, „кривата на ехо“ е графички приказ на сигналот што го добива радарската антена додека е во интеракција со површината на измерениот медиум. Што тоа може да значи за младите уметници кои се обидуваат да се поврзат и да најдат начин да се осврнат на сигналите добиени од нивната непосредна околина и светот воопшто? Како младите уметници го мерат светот и пренесуваат пораки преку нивната уметност? Како тие комуницираат и меѓу себе и со публиката? Како тие ги користат повратните информации за понатамошно обликување на нивните уметнички практики?

Најново

Последни колумни