Жири-комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ преку тајно гласање во вториот круг на селекција одлучи да влезат 12 преводни дела со изданија објавениод 7 издавачки куќи, во превод на 12 преведувачи и од 7 различни јазици. Делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите):
- Ѓоко Здравески за преводот од српски јазик на „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ, издание на Антолог, 2025 година
- Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година
- Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на ,,Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По, издание на Три, 2024 година
- Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утровечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година
- Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година
- Катерина Сотирова за преводот од италијански јазик на „Амфора“ од Луиџи Пирандело, издание на Или-или, 2024 година
- Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година
- Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Генијот и божицата“ од Олдос Хаксли, издание на Артконект, 2025 година
- Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година
- Никола Кузманоски за преводот од англиски јазик на „Сенката над инсмот и други грозотии“ од Хауард Филипс Лавкрафт, издание на Полиграматон, 2024 година
- Светлана Кочовска – Стевовиќ за преводот од старогрчки јазик на „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ од Ксефонт од Ефес, издание на Или-или, 2025 година
- Филип Димевски за преводот од полски јазик на „Маскарада“ од Витолд Гомбрович, издание на Бегемот, 2024 година
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.