Вториот ден од Фестивалот на современа македонска книжевност којшто го организира македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со македонската издавачка куќа Македоника литера на публиката и понуди богата програма во рамките на која беше одржана трибина „Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод” и промоции на книги.
На трибината земаа учество, Нове Цветановски, Ивица Баковиќ, Борјана Прошев Оливер, Драго Гламузина, Жарко Милениќ, Дамир Каракаш, Роберт Перишиќ, Ивица Пртењача, Лука Вукушиќ, Ранко Младеноски, Блаже Миневски, Владимир Илиевски, Томислав Ровичанац кои се еминентни македонски и хрватски автори, преведувачи, издавачи и професори од катедрата за јужнословенски јазици и книжевности при Филозофскиот факултет во Загреб.
Фестивалската програма на бројната публика и понуди и две промоции на книги и тоа книгата раскази „Ви раскажував ли?” од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер и изданијата: К. Рацин: „Бели мугри” – фототипно издание, македонското издание на книгата на акад. Горан Калоѓера: „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943). Промотори на изданијата беа Владимир Илиевски, Нове Цветаноски и Ранко Младеноски.
За последната вечер на Фестивалот е предвидена средба со познатите и најчитаните хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро” и „Ванда”, преведени на македонски јазик и неодамна публикувани од „Македоника литера”.