„Вселенски iPhone“? Илон Маск подготвува Starlink телефон

Илон Маск подготвува Starlink телефон со директна сателитска конекција, без мртви зони, интеграција со X, xAI и Tesla екосистемот.
Откако ја освои орбитата со SpaceX и ја редефинираше автомобилската индустрија преку Tesla, Илон Маск се подготвува за нов амбициозен чекор – влез на пазарот на паметни телефони.

Според информации објавени од порталот Android Authority, компанијата SpaceX наводно работи на развој на сопствен паметен телефон, чија најголема предност би била директната интеграција со сателитската интернет-мрежа Starlink.

Со години кружат шпекулации за таканаречениот „Tesla телефон“, но најновите извештаи укажуваат дека токму SpaceX би можел да биде носителот на овој проект. Целта е јасна – создавање уред со изворна поддршка за Starlink, без потреба од класична мобилна инфраструктура.

Клучниот адут на идниот Starlink телефон би бил специјализиран хардвер кој овозможува директна комуникација со сателити во ниска Земјина орбита. Тоа практично би значело крај на „мртвите зони“ – корисниците би имале интернет и можност за повици и во најоддалечените региони, каде што не постојат базни станици на мобилните оператори.

Илон Маск дополнително ги подгреа шпекулациите на својата платформа X, наведувајќи дека ваков уред „не е исклучен“, додавајќи дека станува збор за „целосно поинаков телефон од сè што моментално постои на пазарот“.

Иако официјалните спецификации сè уште се строго чувана тајна, аналитичарите посочуваат неколку можни насоки на развој:

Глобална поврзаност фокус на Starlink интернет, со што SpaceX би станал и производител на уредот и провајдер на услугата.

Интеграција со xAI – оптимизација за работа со вештачката интелигенција Grok, со понапредни AI-функции од оние на Android и iOS.

„Everything App“ (X) – телефонот како центар за визијата на Маск за X како апликација за сè: комуникација, плаќања, забава.

Екосистем со Tesla – длабока поврзаност со Tesla возилата, каде што телефонот би можел да служи како дигитален клуч и контролен панел.

Финансиските извештаи покажуваат дека Starlink носи значителен дел од приходите на SpaceX – според проценките меѓу 50 и 80 проценти. Влегувањето на пазарот на паметни телефони би му овозможило на Маск да ги заобиколи посредниците како Apple и Google, како и нивните провизии во продавниците за апликации, истовремено зголемувајќи ја корисничката база на сателитскиот интернет.

Иако критичарите предупредуваат дека пазарот на паметни телефони е исклучително конкурентен и дека на него не успеале ниту гиганти како Microsoft и BlackBerry, Илон Маск и досега во повеќе наврати покажа дека сака да ѝ пркоси на пазарната логика.

Извор: B92.net

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни