„Вселенска фабрика“: Британците испратија во вселената печка што достигнува 1000 степени Целзиусови

Британската компанија Space Forge успешно тестираше вселенска печка што достигнува 1000 °C во орбита, отворајќи пат за производство на ултрачисти полупроводници во вселената.

Идејата за фабрика која, на стотици километри над Земјата, произведува висококвалитетни материјали до неодамна припаѓаше на научната фантастика. Но, една велшка компанија е чекор поблиску до претворање на таа визија во реалност. Компанијата Space Forge од Кардиф лансираше во орбита мини-фабрика со големина на микробранова печка и успешно демонстрираше клучен чекор – дека нејзината печка може да се вклучи и да достигне температура од околу 1.000 °C.

Целта е производство на полупроводнички материјали наменети за употреба во електрониката, комуникациската инфраструктура, компјутерските системи и транспортот на Земјата, објави BBC.

Зошто да се произведува во вселената?

Условите во вселената се идеални за изработка на полупроводници, чии атоми се распоредени во високо уредена тродимензионална структура. Во услови на бестежинска состојба, атомите можат совршено да се порамнат, додека вакуумот на вселената го спречува навлегувањето на какви било нечистотии.

Колку е полупроводникот почист и поуреден, толку се подобри неговите перформанси.

Џош Вестерн, извршен директор на Space Forge, го истакна огромниот потенцијал на оваа технологија:
„Работата што сега ја извршуваме ни овозможува да создадеме полупроводници кои се и до 4.000 пати почисти во вселената отколку што моментално можеме да ги произведеме на Земјата“, изјави тој.

„Овој тип полупроводници ќе се користи во 5G-кулите преку кои добивате сигнал на мобилниот телефон, ќе биде во полначите за автомобили каде што се приклучуваат електрични возила, како и во најновите авиони“, додаде Вестерн.

Успешно тестирање во орбитата

Мини-фабриката беше лансирана со ракета на SpaceX во текот на летото, а тимот оттогаш ги тестира нејзините системи од контролниот центар на мисијата во Кардиф. Вероника Виера, раководителка на операциите за товарот, сподели фотографија што сателитот ја испратил од вселената, на која се гледа силно светлечка плазма – гас загреан на околу 1.000 °C во внатрешноста на печката.

Таа го опиша моментот како „еден од највозбудливите во мојот живот“.

„Ова е исклучително важно затоа што претставува еден од клучните елементи што ни се потребни за процесот на производство во вселената. Можноста да го демонстрираме тоа е навистина неверојатна“, објасни Виера.

Следни чекори и безбедно враќање на Земјата

Тимот сега планира изградба на поголема вселенска фабрика, која би можела да произведе материјал за околу 10.000 полупроводнички чипови. Сепак, клучен предизвик останува безбедното враќање на произведените материјали на Земјата.

Во идните мисии ќе се тестира топлински штит наречен Pridwen, именуван по легендарниот штит на кралот Артур. Неговата задача ќе биде да го заштити леталото од екстремните температури при повторното влегување во Земјината атмосфера.

Иднината е во вселената

Space Forge не е единствената компанија што гледа кон небото. И други фирми истражуваат можности за производство на различни производи во орбитата – од лекови до вештачки ткива.

„Производството во вселената е нешто што се случува веќе сега“, вели Либи Џексон, раководителка на одделот за вселена во Научниот музеј.
„Ова се рани денови и засега станува збор за мали количини. Но, со докажување на технологијата се отвораат вратите за економски исплатливо производство, при што работите ќе се создаваат во вселената, ќе се враќаат на Земјата и ќе носат корист за сите. А тоа е навистина возбудливо.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни