Благица Владимировска, наша позната планинарка секоја година си поставува цели и се повисоки врвови за искачување. Годинава, нејзин предизвик беше врвот Арарат, кој успешно го совлада со 1000 планинари од целиот свет кои беа од истата експидиција.
Планината Арарат се наоѓа на тромеѓето меѓу Турција, Иран и Еременија и од 2015 година беше затворена за посетители. Според ерменската митологија, Арарат бил дом на боговите. Во поново време, симболизмот на планината е заживеан како обележје на ерменскиот национален идентитет.
Искачувањето на планината беше забрането во 2015 година кога турската војска започна антитерористичка операција таму. Планината Агри, попозната како Голем Арарат, е највисоката точка во земјата со височина од 5165 метри, честопати наречена „покривот на Турција“. Оваа година Осман Варол, гувернерот на истоимената провинција Агри, учествуваше на официјалното отворање на самитот за туристи и алпинисти. Претставници на Турската алпинистичка федерација беа првите алпинисти кои тргнаа да го освојат врвот на Големиот Арарат.
„Арарат е планината каде според Библијата се вкотвил Ное и кое се смета за нов почеток на животот. Со почетокот на новата година и мене ми требаше нова цел , посакав да направам нешто повеќе и да го достигнам сопствениот максимум во овој спорт. После многу искачени планини во Македонија и на Балканот , многу изодени и истрчани километри и искачена елевација, следен предизвик ми беше одење во висина. Арарат го избрав заради неговите 5137м, како еден тест за моите физички способности и премин кон високогорство“, ја почна Благица нејзината приказна за читателите на Трн.
Трн: Најголем предизвик при искачувањето и како го надмина ?
Благица: Во однос на тежината заради моето претходно искуство немав никаков проблем при искачувањето, за мене беше најголем предизвик учење на нов начин на бавно искачување и правилна аклиматизација. Ние сме научени на пониски планини да трчаме нагоре, но на телото му треба време да се прилагоди на висината и доколку не му го дадеме потребното време ќе добиеме висинска болест. Потребен е зголемен внес на течности и храна и доволна количина сон за да се издржи, што не е лесно заради реткиот воздух кој делува да имате намален апетит и отежнато спиење. Но сето тоа во тек на неколку дена се надминува, се прилагодувате и спремни сте за уште повисоко.
Трн: Какви психички и физички подготовки претходеа?
Благица: Уште на почетокот од годината беше направен планот за експедицијата па имавме доволно време да се подготвиме. Психички сум секогаш спремна, никогаш не сум имала ни најмала доза несигурност, знам што сакам и колку можам, а кога ќе го убедите умот после телото самото ги следи инструкциите. Сепак основна физичка кондиција, како редовно планинарење во зимски и летни услови, редовно џогирање и искачување со носење на тежина се од голема корист. Арарат не е технички врв нема потреба од поседување на алпинистички вештини, само добар водич со искуство, правилна аклиматизација, основна качувачка кондиција, потребна опрема и облека за зимско искачување.
Трн: Дали ве послужи времето за време на искачувањето?
Благица: Во текот на искачувањето со зголемување на надморската височина се поминуваат сите годишни времиња. Се поаѓа од Догубајазит, град во североисточна Турција, во близина на границата со Иран и Ерменија, каде летно време температурата е 38 степени. Низ камповите како се качувате постепено се намалува за на врвот да достигне до -15 степени. Имавме среќа да имаме убаво време и одлична видливост и покрај ниската температура на врв. Подлогата по која се искачува е остаток од вулкански карпи и прашина, сипар, сув песок, додека горниот краен дел пред врвот е прекриен со лед.
Трн: Дали имаше некои тешкотии и пречки на патот и дали имавте водач ?
Благица: Воопшто не. Експедицијата беше водена од Тодорче Ѓоргиев од планинарскиот клуб Азот од Велес, на кого веќе му е четврто искачување на овој врв, го има потребното искуство и знаење и во координација со локалните водичи имавме комплетна логистика и беспрекорна организација на високо ниво.
Трн: Имаше ли некои особено воодушевувачки или незаборавни глетки за време на искачувањето?
Благица: Најубавиот момент е изгрејсонцето на Арарат, кога неговата сенка се појавува како пирамида во длечината и е видик за паметење. Првиот зрак и огледалото на Арарат даваат во тој момент нова енергија која ве тера да продолжите кон врвот.
Трн: Како успеавте да останете безбедни ?
Благица: Безбедни бевме постојано, се движевме само во група предводена од искусни локални водичи со темпо кое гарантира успех, со добра зимска опрема и на добри временски услови.
Трн: Каква лекција те научи Арарат ?
Благица: Учиме постојано од се и од секого. Можеби најважното нешто што го научив е како да се адптирам на висина, како да штедам сила, како да дишам, научив дека кога е најтешко мора да се најде позитивна мисла, хумор и добро друштво, дека со помагање на други си помагаш себе и полесно стигаш до целта кога се движиш полека, постепено, плански и со луѓе со иста енергија и визија во животот.
Трн: Дали имавте некоја комуникација со локалците оттаму?
Благица: Имавме локални водичи и луѓе кои беа комплетно посветени н нашето искачување и ни беа логистика ине опслужуваа постојано. Товарот беше пренесуван од камп во камп со коњи. Со исклучително гостопримство и љубезност во однесувањето ни беа приготвувани највкусни разновидни јадења. Од храна и течности воопшто ништо не недостасуваше.
Трн: Каков совет би му дала на некој што размислува да се искачи на планината Арарат во иднина?
Благица: Совет како и за секое друго искачување на било која друга планина во зимски услови: добар водич, знаење за теренот и за тежината, психофизичка подготовка за искачување во зимски услови, силна физичка кондиција, опрема за искачување во зимски услови, пратење на временските услови и моменталните услови на теренот, чист разум, јака желба и амбиција, љубов кон планината.
Трн: Чувството кога конечно стапна на врвот?
Благица: Прв пат ми дојдоа солзи радосници на овој врв, не знам зошто. Секое достигнување и секој врв ми е драг и исполнувањето на целта ме прави среќна, ама овде доживеав изразена емоција на мир, задоволство и благодарност. Останатите учесници истото го доживејаа.
Трн: Која опрема беше најсуштинска за искачувањето?
Благица: Со оглед на тоа што се искачува ноќно време е доста ладно и неопходно е да се поседува зимска опрема квалитетни зимски чевли и раквици, зимски панталони , неколку јакни , челна ламба и дерези за на лед.
Трн: Прво освојување?
Благица: 1829 Фридрих Паро и Хачатур Абовјан
Трн: Титов врв или Кораб?
Благица: Сите врвови на Кораб, посебно Кабаш и Рибничка Скала, Мал Кораб, Рудина на Дешат. среден Камен, Кривошија и Бакардан на Шар Планина и секако наше Водно 😀