Врховниот суд на Соединетите Американски Држави денес го отфрли барањето за поништување на историската пресуда од 2015 година, со која во целата земја се легализирани истополовите бракови.
Судот, во кој конзервативните судии имаат мнозинство од шест спрема три, го одби поднесокот на Ким Дејвис, поранешна окружна службеничка од сојузната држава Кентаки, која одбивала да издава лиценци за брак на истополови парови, повикувајќи се на своите верски убедувања.
Дејвис тврдеше дека нејзиното право на слобода на вероисповед, гарантирано со Првиот амандман на Уставот на САД, ја ослободува од одговорност. Меѓутоа, пониските судови, а сега и Врховниот суд, ги отфрлија нејзините аргументи.
Поради одбивањето да издаде дозвола за брак на истополов пар, судот ѝ наложи на Дејвис да плати 360.000 долари за оштета и судски трошоци.
Пресудата во случајот Obergefell v. Hodges од 2015 година претставуваше пресвртна точка во борбата за правата на ЛГБТ заедницата во САД.
Со пет гласови „за“ и четири „против“, судот тогаш утврди дека уставните гаранции за еднаквост и правично судење забрануваат сојузните држави да ги оспоруваат истополовите бракови.
Во своето образложение, судијата Ентони Кенеди, кој гласаше со либералното мнозинство, напиша дека лицата кои сакаат да стапат во истополов брак „се надеваат дека нема да бидат осудени на живот во осаменост, исклучени од една од најстарите институции на цивилизацијата“, додавајќи дека „Уставот го гарантира нивното достоинство во очите на законот“.
Од четворицата судии кои во 2015 година биле против легализацијата на истополовите бракови, тројца – Кларенс Томас, Џон Робертс и Семјуел Алито – и денес се дел од Врховниот суд.
Конзервативната доминација дополнително е зајакната со тројца судии кои ги именуваше Доналд Трамп во текот на својот претседателски мандат.
Иако Трамповата администрација не ја коментираше жалбата на Ким Дејвис, нејзиниот случај се појави во момент на растечка поларизација околу социјалните и моралните прашања во американското општество.
Одлуката доаѓа три години по контроверзната пресуда од 2022 година, кога Врховниот суд го укина случајот Roe v. Wade од 1973 година, со што жените го загубија уставното право на абортус. Тој потег во конзервативните кругови разбуди надеж дека судот би можел да го преиспита и правото на истополовите бракови.
Сепак, денешната одлука го потврди легалниот статус на истополовите бракови и ја задржа во сила пресудата Obergefell v. Hodges, која останува еден од најзначајните правни темели на ЛГБТ правата во историјата на САД.
Извор: Index.hr
