Врховниот суд на Обединетото Кралство донесе пресуда во средата според која правната дефиниција на терминот „жена“ се заснова на биолошкиот пол.
„Едногласна одлука на судот е дека термините „жена“ и „пол“ во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат на биолошка жена и биолошки пол“, изјави судијата Патрик Хоџ, заменик-претседател на Врховниот суд, при објавување на пресудата.
Оваа одлука се смета за значајна победа за феминистичките активистки кои сметаат дека биолошкиот пол е непроменлив, но претставува и удар за поддржувачите на правата на трансродовите лица. Пресудата може да има широки последици за организацијата на простори и услуги наменети само за еден пол ширум Шкотска, Англија и Велс.
Позадина на случајот
Случајот започнал уште во 2018 година, кога тогашната шкотска премиерка Никола Старџон донела закон за родови квоти со цел да го зголеми бројот на жени во управните одбори на јавни институции. Законот подоцна бил изменет за да вклучи транс жени кои поседуваат Сертификат за правна промена на пол (GRC).
Претходно, шкотските судови пресудија во корист на владата, оценувајќи дека поимот „пол“ не може да биде ограничен само на биолошки пол или пол при раѓање.
Но, групата „За жените на Шкотска“ (For Women Scotland) ја обжали одлуката пред Врховниот суд во Лондон, кој сега пресуди дека термините „пол“, „маж“ и „жена“ мора да се однесуваат на биолошкиот пол според Законот за еднаквост од 2010 и дека секоја друга интерпретација е „неодржлива и непрактична“.
Последици и реакции
Во резимето на пресудата се наведува:
„Лице со GRC за промена на пол во женски род не се вклучува во дефиницијата на ‘жена’ според Законот за еднаквост од 2010 година, и официјалните упатства на шкотските министри се неточни.“
Застапниците на транс правата предупредија дека ова може да ја загрози заштитата на трансродовите лица од дискриминација.
Судијата Хоџ нагласи дека пресудата не треба да се сфати како победа на една група над друга, и потсети дека Законот за еднаквост сè уште ги штити трансродовите лица, преку призната карактеристика на родов премин, како и заштита од директна и индиректна дискриминација и вознемирување во нивниот стекнат род.