Нестабилно, облачно и дождливо време ќе ја одбележи предпразничната недела, додека за викендот и непосредно за време на празниците се најавува нагло заладување, силен северен ветер и локални услови за снег низ делови од земјата.
Според временската прогноза за 24 декември, низ целата држава ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд и ситна росулка. Врнежите ќе бидат поизразени во западните делови и во југоисточниот регион, особено во утринските часови, додека преку денот ќе има краткотрајни прекини на облачноста. По котлините се очекува задржување на магла, што значително ќе ја намали видливоста.
Температурите ќе останат релативно благи за крајот на декември. Дневните температури најчесто ќе се движат меѓу 6 и 8 степени Целзиусови, додека утринските минимални ќе бидат од 0 до 6 степени, во зависност од регионот. За одделни делови од земјата е издадено жолто предупредување за врнежи од дожд, а за југоистокот и повисоко ниво на внимателност поради интензитетот на врнежите.
Значителна временска промена се очекува кон крајот на неделата, односно на 27 и 28 декември, кога од североисток ќе продре многу ладен воздух. Ова ќе предизвика нагло заладување, а локално ќе има услови и за провејување на слаб снег. Посебно внимание привлекува најавата за силен северен ветер, кој на одредени места може да достигне брзина и над 80 километри на час. Токму поради засилениот ветер се очекува и расчистување на воздухот во котлините.
Во Скопје и околината, викендот ќе донесе значително постудено време, со можност за слабо провејување на снег во одделни делови од котлината. Ќе дува силен северен ветер со повремени удари од 60 до 70 километри на час. Утринските температури за време на викендот ќе се спуштаат меѓу -7 и 0 степени, додека дневните ќе се движат од -3 до 4 степени.
Уште постудено утро се очекува во понеделник, 29 декември, кога минималните температури ќе се движат од -10 до -2 степени, а на повисоките населени места и планините и под -10 степени. Ова значи дека дел од празниците ќе минат во вистинска зимска атмосфера.
Од АМСМ информираат дека поради магла има намалена видливост до 50 метри на планинскиот премин Стража. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, додека на Попова Шапка провејува слаб снег кој засега не се задржува на коловозот. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања.
АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои зголемен ризик од одрони. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.