Временските услови ја откажаа наставата во Загреб

Силниот ветер со урагански налети предизвика штети, проблеми во сообраќајот и прекини во јавниот превоз, поради што денеска нема настава во основните и средните училишта во Загреб.

Силниот ветер со урагански налети денеска ја прекина наставата во основните и средните училишта во Загреб, откако во текот на ноќта и утрото предизвика штети и сериозни проблеми низ градот. Одлуката ја донеле Град Загреб и Министерството за наука, образование и млади, со образложение дека приоритет е безбедноста на учениците во сообраќајот.

Низ повеќе загрепски населби се регистрирани паднати дрвја, оштетени покриви и расфрлани ќерамиди, гранки и делови од огради на коловозите. Дел од семафорите се надвор од функција или се исклучени, што дополнително го отежнува сообраќајот, а има и прекини и пренасочувања во јавниот превоз.

Од Градот соопштија дека, иако наставата нема да се одржува, училиштата ќе останат отворени за децата кои не можат да останат дома, каде ќе им биде организиран престој. Градинките продолжуваат да работат редовно, иако препораката е децата, ако има услови за тоа, да останат во своите домови.

Во повисоките делови на Загреб утрово е регистриран и снег, додека невремето продолжува да создава проблеми и пошироко, со затворени делови од автопатишта и бројни интервенции на терен. Загрепските пожарникари предупредија дека поради силниот ветер дел од интервенциите се изведуваат отежнато, а службите остануваат мобилизирани низ градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни