Сенешто Gen Z е во некакво планирање, како да се истакнеш или како да се вклопиш, како побрзо да излезеш од дома или како конечно да ги прифатиш, како пред да наполнам 25 години да имам работно искуство или како воопшто да преживеам ако го немам и покрај се тоа да планираш како да врзеш месец со месец.
Сега е вистински тајминг, на ценовни кризи! Каде „Добро утро“ е покачување на цените, а „Добра ноќ“ е нова наметната норма, сама по себе огромна неправда. Како покрај цело планирање сервирано горенаведеното како додаток, имаме можност за планирање на иднина. Во систем кој личи на валкана маалска улица, која службите заборавиле да ја исчистат или воопшто немале ни намера да го направат тоа, останува да си веруваме само на себе… ако знаеме кои сме ние.
Сите со нас носиме потсвесно поткован „правилен“ начин на живот, оставен како правилник „Како да се живее“, напишан од генерациите пред нас. Плаши се од волкот, плаши се од зајакот, а кога ќе живеам? Се сеќавам на лекции од претходно – општествени и домашни. Да молчиш, да трпиш и секако да се плашиш да не згрешиш. Гледајќи ги резултатите веќе сигурна сум дека „Сега знам дека ништо не знам“. Додека нашите предци живееле по животински инстинкти – да преживеат, множат и да изградат нешто материјално. Нè оставија да се прашуваме што е нормално. Искрено не знам што е пострашно – тоа што над ваквите урнатини е полесно да одгледаш куче отколку дете, или тоа што многумина го прават тој избор.
Во ова време невреме изградено на гнилеж, мрзеливост, бели лаги и желба да се протнеш на мала врата, пострашно е да замислиш среќна иднина, отколку да ја уништиш сегашноста. Бидејќи среќата бара визија, одговорност и посветеност, додека уништувањето доаѓа природно.
Овој текст го напишав на провокација на реченицата „Оваа генерација нечини“, на што секогаш сакам да одговорам, „Ова е резултатот на вашата генерација (Генерација Х), за нас ќе видиме по години“.
И кога веќе сме стигнале до точка да се натпреваруваме поради кого е се ова. Дајте да ја искористиме можноста. Напредокот на технологијата конечно нека ги намали работните саати, ајде да прекинеме да манипулираме со човечките слабости за профит… или не, чекај ајде нека биде 21ви век за она што е предвиден – Секој да го има тоа што го сака.
Ако веќе не веруваме во она што ни оставија, можеби е време да создадеме нешто ново! Или барем – да пробаме.
Ејјј.. Gen Z, не будете се од сонот, ни утре, ни никогаш. Пак ќе ни биде убаво, само заборавете го тоа што го знаете!