,,Време и простор 2001-2023” на Тања Таневска во Мала Станица

Веќе со насловот на проектот, Тања Таневска, ни посочува еден подолг период (2001-2023) од нејзиното (семејното) домување, живот, радости и тага, во кои авторката ги создавала и чувала визуелните записи, за потоа да ги интерпретира и синтетизира во една целина што ја обопштува идејата за дом и за припадност

Самостојната изложба на Тања Таневска, ,,Време и простор 2001-2023” ќе биде отворена во објектот Мала Станица на 02.10.2024 година, (среда) во 20 часот. Изложбата ќе трае до 20.10.2024 година.

Веќе со насловот на проектот, Тања Таневска, ни посочува еден подолг период (2001-2023) од нејзиното (семејното) домување, живот, радости и тага, во кои авторката ги создавала и чувала визуелните записи, за потоа да ги интерпретира и синтетизира во една целина што ја обопштува идејата за дом и за припадност. Опфатениот период не е ретроспекција на нејзиното досегашно творештво, туку ја покажува смелоста во сумирање на едно минато и созревање во сегашноста на нејзината најинтимна историја.

,,Нашиот секојдневен живот е постојано чекорење низ едновременоста од минатото и иднината. Да може да се оди вака, со овој хоризонт на отворена иднина и неповратно минато, е суштината на тоа што го нарекуваме ,,дух”. Мнемозина, музата на паметењето, музата на меморизирачкото прифаќање, со кое таа управува, е едновремено и муза на духовната слобода. Паметењето и сеќавањето, кои ги прима во себе изминатата уметност и традицијата на нашата уметност, како и смелоста на новото експериментирање со нечуени облици кои се спротивни на обликот, се слична потврда на духот. Ние ќе мора да се запрашаме што произлегува од ова единство, од она што било и од она што е сегашно. (Ханс-Георг Гадамер, ,,Актуелноста на убавото”)

Низ имагинативните прикази на уметницата се артикулираат и се замислуваат неброено многу нешта. И не само низ нив, туку и преку нејзиното педантно селектирање, чување и поставување на ready-made објекти, уметницата буквално нѐ води во тридимензионален просторен триптих од приказната што ја следиме како гледачи, во три посебни простори. Секој за себе е една целина, но поврзаноста ја чувствувате и ја доживувате. Ако ги анализираме просторите еден по еден, ќе забележиме емотивен и наративен пристап во сите три целини. Авторката почнува од убавото, ја асоцира локацијата и ве вовлекува кон целата алузија на темата. Поставени се објекти и инсталации од колажирани фотографии, нетипичен ,,хербариум” од убавите цветови и растенија што ги негувала, а веќе ги нема, и визури од домот што веќе не постојат. Поставени се и објекти создадени од записи и готови предмети, на пример, клуч што веќе ја нема својата функција, асамблажи со предмети кои ја носат симболиката на постоењето и исчезнувањето. Поставени се замаглени визури на автопортрет изложен на ранливост, и сето тоа скриено, а сепак отворено, искрено ни го предава метежот во душата на уметницата. Целата поставка ни ги привлекува и краде погледот и мислата за просторот и одреденото време. Во циклусот од животното искуство во временскиот период за кој зборува авторката, бројот 22 таа го користи како симбол на повторување. Играта на повторувањето е и нејзино страдање, но и прочистување. На подот во другата просторија ќе го забележиме потенцирањето на бројот 22 преку уметничката инсталација од градежни предмети и ready-made предмети, сочувани за ова, буквално, повторно градење на уништеното. Таневска зборува за изгубениот дом, за изгубениот идентитет, за изгубената љубов, за етичките норми и гревови (алчност, лакомост, гнев и бес), за клетвите, судбинските реверзибилни записи… и за што уште не. Уметничкото дело бара од нас да му посветиме повеќе време што ќе го поминеме одејќи низ архитектурата на поставката, притоа совладувајќи го односот помеѓу минатото и сегашноста. Во кулминацијата на нејзиното, но и на нашето колективно страдање, во современоста на алчноста, уметницата го создава својот специфичен Лакримариум.

Видеото поставено во крајната, трета просторија на движење, ве вовлекува во документарно, артистичко сведоштво, каде на крајот виртуелно учествуваме во страдањето на уметницата, гледајќи деструкција на една историја со моќната технологија и девастација на едно живеалиште. Уметницата со активно снимање на процесот на рушење од земја, но и од птичја перспектива со помош на дрон, го документира целиот циклус на исчезнување, сѐ до прашина и базна нулта точка. Сепак, и покрај моќната машинерија, таа суптилно ја ,,испишува” поетиката и низ детали од предмети фатени во стоп кадар, како сведоштво, кои во композиција на мртва природа го дополнуваат горчливото чувство во комплетната сцена на филмот. Звуците на моќната технологија ја дополнуваат агресијата, а на местото на кратките тишини уште повеќе го чувствувате сопостоењето на животот и болката.

Идентитетот на делата во просторот го препознаваме во нивната носечка мисла за пораката. Ние како соучесници во чувствата, би можеле да ги ,,читаме” делата во повеќеслоевитото значење на целината. Ако забележиме (како што вели К.Швитерс) дека уметноста е првобитниот концепт на возвишеното, но и необјаснива како животот, таа е неопределена во целта, тогаш би можеле да ја почувствуваме и естетската чистота и слобода. Се прашуваме, талкајќи во мислите заедно со авторката, дали е тоа одговор за исчезнувањето на љубовта или пак, тоа е гневот кој прераснува во сопствено чистилиште сѐ до вистински солзи. Низ овие лични нарации и потребата за споделување, уметницата Тања Таневска, ја потенцира важноста на идентитетот, важноста на нормите независно од поединечниот случај на анализа. Впрочем, болката за напуштениот дом, како ,,политичка историја на модерноста” (Џ.Агамбен) ќе ја препознаваме сѐ почесто, пишува вобрецензијата Дијана Томиќ Радевска.

Тања Таневска е родена во 1971 год. во Скопје. 1996 дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин, отсек Педагошки – сликарство; 2006 ја посетува графичката работилница кај проф. Трајче Блажевски на ФЛУ (Факултет за ликовна уметност) за усовршување на графички техники; 2010 – на Факултет за ликовна уметност во Приштина завршува постдипломски студии и се здобива со титулата мастер по сликарство, во класата на проф. Заке Превукај.2006 оди на едномесечен студиски престој во Дрезден, Германија (Grafikwerkstatt Dresdenin den Technischen Sammlungen der Stadt Dresden). 2000/2001/2004 престојува и го користи ателјето во „Cité internationale des arts“ во Париз,Франција. Од 1997 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Живее и работи во Скопје.Реализирала повеќе самостојни изложби во Македонија, во Скопје, Прилеп, Охрид, Неготино, Кавадарци и во странство, Истанбул, Њујорк, Дрезден, Берлин, Софија, Марибор, Загреб, Белград, Париз. Учествувала на повеќе од 300 групни изложби во Македонија и во странство. Меѓународни изложби: Полска, Србија, Јапонија, САД, Грција, Босна и Херцеговина, Португалија, Словенија, Франција, Бугарија, Чешка Република, Шведска, Канада, Романија, Кореа, Италија, Холандија и Република Хрватска.Учествувала на повеќе од 37 колонии во земјата и во странство. Меѓународни: СР Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Тунис и др.Наградувана на групни изложби: 2023 Скопје, Македонија, минијатура – ДЛУМ; 2012 Скопје, Македонија, минијатура „Златна четка“ – ДЛУМ; 2009 Скопје, Македонија, Цртеж – ДЛУМ;2003 Скопје, Македонија, Цртеж – ДЛУМ; 2000 Скопје, Македонија, 17 Сликарство мал формат – КИЦ;1998 Скопје, Македонија, Цртеж – ДЛУМ; 1998 Рацибор, Полска, II интернационално биенале на мал формат

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни